петок, 26 јули 2024

Ходорковски: Путин се плаши дека погребот на Навални може да предизвика масовни демонстрации

Владата на рускиот претседател Владимир Путин веројатно одбива да го предаде телото на опозицискиот политичар Алексеј Навални, кој почина во затвор на 26 февруари, бидејќи стравува од масовен излив на тага и поддршка непосредно пред претседателските избори во земјата во март, вели Михаил Ходорковски.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Може да дојде до судир од големи размери во Москва“, рече прогонетиот поранешен нафтен тајкун Ходорковски во интервју за Карент тајм, мрежа на руски јазик што ја води Радио Слободна Европа во соработка со Гласот на Америка.

„Властите не сакаат да се види колку луѓе се против Путин. Главната задача на Путиновата пропаганда е да ги убеди луѓето дека се на маргините ако се против Путин. Ако луѓето видат дека навистина ги има многу, ситуацијата може да се промени за неколку секунди“, вели Ходорковски.

Руските власти допрва треба да му го предадат телото на Навални на неговото семејство, додека неговата мајка, Људмила Навална, рече дека била под притисок да одржи приватен погреб „без никакви проштални церемонии“.

Портпаролката на Навални Кира Јармиш денеска рече дека руските власти ѝ рекле на мајка му дека ако не се согласи во рок од три часа да го закопа својот син без јавен погреб, тој ќе биде погребен на теренот на казнената колонија каде што умре.

Ходорковски, кој живее во егзил во Лондон и финансира различни проекти насочени кон промовирање на демократијата во Русија, рече дека доколку семејството на Навални ги одбие барањата на владата, неговото тело најверојатно нема да биде пуштено до претседателските избори на 17 март, кои Кремљ се надева дека ќе ги искористи како приказ на национално единство за поддршка на Путин и тековната инвазија на Украина.

Големото покажување поддршка за Навални би било „многу сериозен сигнал за елитата“, рече Ходорковски за Карент тајм.

Ходорковски ја опиша вдовицата Јулија Навални, која вети дека ќе ја продолжи работата на својот сопруг, како „личност што е прифатлива за повеќето опозициски водачи“ и рече дека тој самиот е подготвен да се координира со неа и да ги здружи силите во решавањето одредени прашања.

Меѓутоа, рече дека демократската руска опозиција е премногу разнолика за да се обедини околу една фигура „дури и најпаметната, најбрилијантната и најдобрата личност што може да се замисли“.

Тој додаде дека владата на Путин „ги турка луѓето кон револуција“, бидејќи ја заменила политиката со насилство.

„Колку повеќе користи насилни методи и колку е поостра кон опозицијата, толку е поголема веројатноста дека опозицијата ќе се радикализира и ќе се впушти во доста остри и радикални реакции“, рече тој.

„И потоа треба да очекуваме дека Русија ќе стане демократска земја. Тоа е само објективна реалност“, рече Ходорковски, повикувајќи го Западот да не го признае легитимитетот на претседателските избори во март и да се пресмета со Путин од позиција на сила.

„Слабоста на Западот му дава одврзани раце на Путин, охрабрувајќи го да продолжи со својата агресија“, рече тој.

„Она што може да го спречи е демонстрација на сила“, рече тој и додаде: „Ако имаш моќ, покажи ја. Ако не, тогаш само почекај да ти тропне на врата“.

Тој рече дека верува оти усвојувањето дополнителни санкции против Русија ќе има мал ефект, но дека постојните санкции треба да бидат поригорозно спроведени.

Поранешниот најбогат човек во Русија, 60-годишниот Ходорковски, беше уапсен во 2003 година под обвинение за измама, за што вели дека било измислено од Путин и неговите сојузници за да ја казнат неговата политичка активност, па довеле влијателни тајкуни, а имотот на неговата нафтена компанија Јукос го прелеале во државни раце.

Тој помина нешто повеќе од една деценија во руски затвор пред да биде помилуван, а земјата ја напушти во декември 2013 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ