четврток, 12 декември 2024
Политико

Ходорковски: По смртта на Навални, светот мора да стане построг кон Путин

Ги повикувам Русите да го покажат својот отпор со пишување на името „Алексеј Навални“ на своите гласачки ливчиња на 17 март, во знак на почит кон последната и најистакната жртва на режимот, пишува прогонетиот руски бизнисмен, олигарх и опозициски активист Михаил Ходорковски за Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални беше херојски противник на претседателот Владимир Путин и тој ја плати највисоката цена. Путин го уби Навални.

Ја почитуваме храброста на Навални и го осудуваме кукавичлукот на неговиот убиец – лидер толку слаб што не може да толерира никаква реална закана за неговото владеење. Сега Путин ја има крвта на Навални на рацете, како и крвта на многумина пред него.

Ова нека биде повик за будење до светот – иако таков повик за будење не треба да биде потребен: убиствениот режим на Путин е нелегитимен и треба да се третира како таков.

Путин го изврши ова грозоморно убиство еден месец пред фарсата официјално позната како „руски претседателски избори“. Изборите во Русија не се ниту фер ниту слободни. На секој вистински противник на Путин му е забрането да се кандидира. Ако не се во затвор, протерани во егзил, тогаш, како што трагично покажува судбината на Навални, тие се убиени.

Западот мора да престане да попушта пред оваа шарада и да ги прогласи тие избори и нивните резултати за нелегитимни. Последниот пат кога се одржаа „руските претседателски избори“, реакцијата на Западот беше слабост и помиреност.

Се надевам дека нема да ги повторат истите грешки.

Никој не беше изненаден од исходот на изборите во март 2018. Путин освои згодно мнозинство – иако помало отколку во потрадиционалните диктатури – победувајќи неколку „празни костуми“ од најбизарните краеви на рускиот политички спектар.

Тоа беше вообичаената фарса, но она што беше поинакво и што заслужуваше поцврст одговор од Западот беше тоа што Путин ги одржа „изборите“ и на украинската територија што насилно ја анектираше – Крим.

А како реагираше светот на ова нарушување на суверенитетот на соседна држава? Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор упати честитки, како и тогашниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Франција и Германија избегнаа да го користат зборот „честитки“, но му посакаа на Путин успех во следните шест години на функцијата. А потоа, светот отпатува во Русија на Светското првенство во фудбал, современ еквивалент на Олимпијадата во Берлин во 1936 година.

Шест години подоцна, за време на кои Путин Украина ја претвори во пекол, го втурна светот во нестабилност, а сега уби и угледен противник, прашање е како Западот ќе реагира овој пат?

Како што стојат работите, Путин планира да натера делови од Украина, кои ги окупираше преку геноцидна војна, да учествуваат на наместени избори. Згора на тоа, Меѓународниот кривичен суд сега го бара рускиот лидер за воени злосторства, пред сѐ за киднапирање украински деца. Само тие причини се доволни за овие избори и неговото владеење да се прогласат за нелегитимни.

Парламентарното собрание на Советот на Европа имаше добра идеја минатиот октомври, признавајќи дека „Путин нема легитимитет по завршувањето на сегашниот претседателски мандат“ и дека „треба да се прекинат сите контакти со него, освен за хуманитарни цели и постигнување мир“.

Се прашувам дали некој контакт со Путин може да помогне да се постигне мир – тоа може да се постигне само преку посилна воена поддршка за Украина. Згора на тоа, не мислам дека ќе биде можен одржлив мир сѐ додека неговиот измамнички режим е на власт. Тој е опасност за светот. Сепак, ја поздравувам резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа и ги поканувам другите да го следат тој пример.

Путин практично се прогласи за доживотен диктатор. Думата, послушното руско собрание, го промени уставот на земјата во 2020 година за да ги укине ограничувањата за претседателскиот мандат. И како одговор, Резолуцијата на Европскиот парламент од 2021 година за насоката на политичките односи ЕУ-Русија јасно вели дека „ЕУ треба да го осуди секој обид на претседателот Путин да остане на функцијата по завршувањето на неговиот сегашен и последен претседателски мандат на 7 мај 2024 година, врз основа на уставните амандмани од 2020 година, кои парламентот ги оцени како незаконски донесени“.

Сега е време да видиме што значи ова во практиката.

Путин никогаш нема доброволно да ја напушти функцијата, а на рускиот народ му се ускратува каква било реална алтернатива. Навални е убиен. Други противници, како Владимир Кара-Мурза, кој беше жртва на напади со труење во 2015 и 2017 година, како што беше Навални во 2020 година, се во затвор. А организациите како Отворена Русија, во која учествував во основањето со цел да го ангажирам руското граѓанско општество во работата на вистинската демократија, се забранети како „непожелни“.

А сепак, кај руската јавност сè уште постои апетит да гласа за кандидат што се противи на Путиновата војна и корупција. Оттука и неочекуваниот успех на Борис Надеждин, малку познат либерален политичар што собра стотици илјади потписи за својата кандидатура и имаше 10 отсто поддршка на анкетите, што е извонредно достигнување ако се земе предвид дека медиумите во Русија се лични навивачи на Путин. Се разбира, на Надеждин сега му е забрането да се кандидира, но неговиот успех покажа дека Русите ќе поитаат да покажат поддршка за вистинскиот противник.

Сега ги повикувам тие Руси да покажат отпор пишувајќи го името „Алексеј Навални“ на своите гласачки ливчиња на 17 март, во чест на последната и најистакната жртва на режимот.

А откако Путин ќе „победи“ во март, западните лидери повеќе не треба да се впуштаат во таа валканица. Ако мора да разговараат со Путин, тоа треба да биде како што преговарачите за заложници разговараат со криминалците, но не смеат да му дадат ни најмал знак на легитимитет. Конечно треба да покажат дека нивните убави зборови за неповредливоста на европските граници вредат колку хартијата на која се напишани.

Западните лидери никогаш повеќе не смеат да го потхрануваат верувањето на Путин дека да се биде криминален „бос“ е исто што и да се биде шеф на држава. И никој не треба да се залажува дека ќе ги почитува новите договори повеќе од претходните, ако тие не се поддржани со сила.

Прогласувањето на режимот на Путин за нелегитимен, исто така, ќе им нанесе тежок удар на оние што срамно продолжуваат да работат со Кремљ и покрај санкциите. И треба да знаат дека нивните коруптивни зделки со овој режим се безвредни.

Таквата декларација би ја промовирала федерализацијата и демократизацијата на Русија во иднина бидејќи непризнавањето би имало импликации за наследникот на Путин. Кога процесот со кој Путин си ја даде власта би бил прогласен за нелегитимен, истото би важело и за процесот на назначување на неговиот наследник. Лишени од меѓународниот легитимитет, тие би морале да вложат поголеми напори за да побараат легитимитет од рускиот народ и регионот.

Засега, одбивањето да се признае владеењето на Путин, исто така, ќе ѝ нанесе удар на неговата способност да регрутира војници и да ја држи војската под контрола – поголема е веројатноста луѓето да одбијат да умрат по наредба на нелегитимен врховен командант.

Едноставно кажано, потребни ни се силни зборови и дела за да го прогласиме Путин за нелегитимен. Западните земји треба да ја засилат својата поддршка за Украина за да помогнат Путин таму да биде поразен. А во март не би требало да има честитки, убави желби и давање легитимитет на нелегитимен диктатор.

Ако Западот сака да ѝ оддаде почит на највисоката жртва на Навални, мора да стане построг кон неговиот убиец.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ