Според сведоците, злосторствата вклучуваат убиство на најмалку 20 цивили, меѓу кои жена и шестгодишно дете, за време на операција во регионот Мопти од страна на десетици малиски и „бели странски војници“.
Организацијата соопшти дека злосторствата биле извршени за време на воена операција спроведена како одговор на присуството на екстремистички групи во регионите Мопти и Сего, а во сите освен еден биле вклучени странски вооружени лица што не зборувале француски и биле опишани како „бели“, „Руси“ или „Вагнер“, се вели во извештајот.
Повеќето од убиените, затворените или исчезнатите потекнуваат од етничката група Фулани.
Мали се бори за сузбивање на исламистичкиот екстремизам од 2012 година. Во 2013 со помош на воена операција предводена од Франција, екстремистичките бунтовници беа истиснати од градовите во северниот дел на Мали, но тие се прегрупираа во пустината и почнаа да вршат напади врз војската на Мали и нејзините сојузници.
Малиската армија ги протера француските трупи во 2022 година и го поздрави доаѓањето на речиси 1.000 борци од руската организација Вагнер, која работеше заедно со вооружените сили на Мали и кои групите за човекови права и цивилите ги обвинија дека извршиле злосторства.
Министерството за надворешни работи на Мали соопшти дека не знае за никакви можни злосторства и дека ќе отвори истрага за наводите.
Извештајот доаѓа само неколку недели откако Мали ја протера мировната мисија на Обединетите нации (ОН), која беше во земјата една деценија и ги истражуваше кршењата на човековите права.
Минатата година Канцеларијата за човекови права на ОН објави дека повеќе од 500 луѓе биле убиени, од кои повеќето од војниците на Мали и странски војници за време на операција во селото Моура.