„Мислам дека постои желба кај сите страни да се дознае вистината за тоа кој го сторил тоа. Сигурно не гледаме докази што укажуваат на Белград, но некој е одговорен и мора да се спроведе темелна истрага“, рече Хил во интервју за Радио-телевизија Србија (РТС).
Тој додаде дека е позитивно што американското Федерално биро за истраги (ФБИ) ја поддржува истрагата и дека тоа укажува на фактот дека постои недостиг од доверба и „тенденција кон меѓусебни обвинувања“.
„Косово ја обвинува Србија, но ние не гледаме докази за поткрепа на таквите обвинувања“, рече Хил.
На прашањето за европскиот пат на Србија, Хил рече дека тоа ќе зависи од одлуките што ќе ги донесе Белград, додавајќи дека не треба тој како Американец да зборува за Европската Унија, но посочи дека верува оти Србија може многу да понуди „во однос на нејзините економски достигнувања и фактот дека има многу активна дипломатија низ светот, вклучително и на глобалниот југ“.
„Мислам дека Европа и САД треба да бидат свесни за фактот дека Србија има добри односи во тој дел од светот и дека треба да направиме повеќе со Србија. Се надевам дека Европската Унија ќе дојде до тој заклучок“, рече Хил, укажувајќи дека има многу прашања што можат да ја доближат Србија до ЕУ, вклучувајќи го и литиумот како клучна суровина.
Амбасадорот оцени дека односите меѓу Србија и САД се добри.
„Мислам дека создадовме добра платформа за понатамошен развој. Мислам дека е многу важно да разбереме како можеме да напредуваме во областа на енергетиката, што е клучно прашање во Србија, бидејќи енергетските потреби на оваа земја ќе растат“, рече тој.
Хил нагласи дека дијалогот со Србија е многу корисен за САД, дека Србија има врски низ целиот свет и дека „многу работи одат во вистинската насока“.
Тој најави и учество на САД на ЕКСПО 2027 во Србија, нагласувајќи дека се обезбедени средства за „сериозен американски павилјон“ и дека се многу горди што учествуваат на тој настан.
„Сакаме да бидеме дел од тоа и дефинитивно ќе имаме американски павилјон таму“, рече Хил.