петок, 25 октомври 2024

Хезболах тврди дека истрелал ракети врз Кирјат Шмона

Либанската екстремистичка организација Хезболах денеска соопшти дека истрелала ракети врз град на северот на Израел, како одмазда за израелскиот воздушен напад во кој беа ранети 17 лица.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Либанското Министерство за здравство и државните медиуми објавија дека во воздушен напад е погоден мотор во либанското село Абасие и дека четири лица се тешко ранети.

Хезболах подоцна соопшти дека неговите борци истрелале ракети врз израелскиот град Кирјат Шмона како одмазда, објави Асошиетед прес.

Израелските медиуми јавија дека нема повредени во експлозијата на двете ракети, но дека е причинета штета, а дека сирените за противракетна тревога не се огласиле.

Прекуграничните судири меѓу израелската армија и Хезболах се речиси секојдневни од почетокот на војната во Појасот Газа на 7 октомври минатата година.

Оттогаш во Либан се убиени повеќе од 500 луѓе, главно борци на Хезболах.

Според тамошното Министерство за здравство, бројот на загинатите Палестинци во десетмесечната војна меѓу Израел и Хамас во Газа достигна речиси 40.000.

Како што беше соопштено денеска, најмалку 39.965 лица се убиени, а 92.294 се ранети. Во изминатите 24 часа во локалните болници се префрлени телата на 36 загинати, се додава во соопштението на министерството, кое во билансот на жртвите не прави разлика меѓу борци и цивили.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ