четврток, 10 октомври 2024

Хезболах се согласил на прекин на огнот со Израел на денот на смртта на Хасан Насрала

Хезболах ги известил либанските власти за својот договор за прекин на огнот со Израел на денот кога неговиот лидер Хасан Насрала бил убиен во израелски напад, рекол денеска за АФП извор од либанската влада.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Дотогаш таа проиранска формација го условуваше секој прекин на огнот во Либан со прекин на борбите во Газа меѓу палестинскиот сојузник Хамас и израелската армија.

„На 27 септември Хезболах официјално ја информираше либанската влада, преку претседателот на парламентот Набих Бери, дека ја прифаќа меѓународната иницијатива за прекин на огнот“, рекол изворот, кој барал да остане анонимен.

Либанскиот премиер Наџиб Микати тој ден беше во ОН, каде што Франција и САД иницираа меѓународен предлог за 21-дневен прекин на огнот, на кој се приклучија и арапските земји.

Микати ги информирал соговорниците за ставот на Хезболах, рекол овој извор.

Меѓутоа, истиот ден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во говор пред ОН потврди дека ќе продолжи да го напаѓа Хезболах во Либан.

Веднаш по неговиот говор, израелските воздухопловни сили извршија напад врз јужните предградија на Бејрут, упориште на Хезболах, при што беше убиен неговиот водач Хасан Насрала.

Од смртта на Насрала, либанската влада „нема повеќе контакт со Хезболах“, рече изворот.

Но во вторникот, вториот човек на Хезболах, Наим Касем, потврди дека неговата партија „ги поддржува политичките напори предводени од претседателот Бери, кои првенствено се насочени кон прекин на огнот“.

Набих Бери го предводи шиитското движење Амал, сојузник на Хезболах.

Наим Касем исто така не го услови прекинот на огнот со прекин на борбите во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ