Унгарија беше огромен фаворит во денешниот меч против Македонија, но на крајот ние жалиме што не дојдовме до целиот плен. По крајот на мечот имаше горчина во нашите грла наместо среќа иако ова што го остваривме е и повеќе од голем резултат.
Момците на Кире Лазаров одиграа на исклучително високо ниво и покажаа дека се подговени за овој Мундијал. Речиси и да немавме големи падови, од почетокот до крајот игравме како што треба носејќи се со фаворизираниот противник.
Унгарија подобро го почна натпреварот, поведоа со 5-2, но потоа следуваше неверојатна серија на Македонија од 8-1 по која поведовме со 10-6. До крајот на полувремето ние дадовме уште четири гола, Унгарците погодија осумпати и со реми од 14-14 се замина на одморот.
Во второто полувреме двете селекции се менуваа во водство, ние водевме со 27-26 и имавме напад, остануваше уште половина минута до крајот, но ја загубивме топката и дозволивме Унгарија да го изедначи резултатот на 27-27. Останаа уште десетина секунди во кои не дадовме гол за победа.
Брилијантна партија имаше Филип Кузмановски кој постигна десет погодоци. Митев реализираше трипати колку што и Велковски. Дури 11 наши ракометари се запишаа во листата на стрелците. А овој резултат немаше да биде ваков доколку на голот го немавме Митревски кој имаше дури 11 интервенции. За Унгарија Илиќ постигна шест голови, Бодо погоди петпати.
Следниот меч на Македонија е во петок кога од 18 часот играме против Холандија.