сабота, 27 јули 2024

Хенри Кисинџер: Украина треба да ѝ даде територија на Русија за да постигне мир

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија, во понеделникот, 98-годишниот Кисинџер рече дека неуспехот да се обноват преговорите со Русија и продолжувањето на отпорот кон Москва може да има катастрофални последици за долгорочната стабилност на Европа.

„Преговорите треба да почнат во следните два месеци, пред тоа да создаде пресврти и тензии што нема лесно да се надминат“, рече тој.

„Идеално, линијата на поделба треба да биде враќање на статус кво анте (претходно постоечката состојба). Продолжувањето на војната по таа точка нема да биде за слободата на Украина, туку за нова војна против самата Русија.“

Кисинџер, кој служеше во администрацијата на Ричард Никсон и Џералд Форд во 1970-тите, предупреди да не се одолжува војната и притискаше за преговори.

Поранешниот државен секретар рече дека Русија веќе 400 години е суштински дел од Европа, дејствувајќи како балансирачка сила во критичните времиња за континентот. Кисинџер рече дека западните земји треба да се сетат на важноста на Русија во Европа и да не бидат опфатени со „моменталното расположение“.

Русија изјави дека е отворена за можност за повторно почнување на мировните преговори доколку Украина го направи првиот чекор, како што најави во понеделникот рускиот заменик-министер за надворешни работи Андреј Руденко.

„Ќе бидеме подготвени да се вратиме штом Украина ќе покаже конструктивна позиција и ќе даде барем реакција на предлозите доставени до неа“, рече Руденко, разговарајќи со новинарите во Москва. Тој не прецизираше каква би била оваа конструктивна позиција за Украина.

Но Украина се чини дека е сè понекомпромисна во однос на постигнувањето мировен договор според кој Киев ѝ отстапува дел од својата територија на Москва.

Обраќајќи му се на Давос во видеоговор, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека рускиот претседател Владимир Путин не е заинтересиран за разговори, ниту за што било од она за што разговараат луѓето што присуствуваат на форумот.

Зеленски рече дека Путин е заинтересиран само за „брутална сила“.

„Оваа година зборовите ‘пресвртница’ се повеќе од реторичка точка на разговор“, рече Зеленски. „Оваа година е навистина година кога се одлучува дали суровата сила ќе владее со светот.“

„Ако е така, моќните не се заинтересирани за нашите мисли и нема понатамошна корист од средбата во Давос. Суровата сила не бара ништо друго освен потчинување на оние што сака да ги покори, и таа не зборува, туку убива, како што прави Русија во Украина додека зборуваме ние денес“.

На московските делегати оваа година им беше забрането да се приклучат на форумот во Давос поради руската инвазија на Украина.

Во текот на изминатата недела, други украински официјални лица дадоа жестоки изјави против можноста за постигнување мировен договор што вклучува отстапување на која било територија на Русија.

На 21 мај, советникот на Зеленски, Михаило Подолјак, ја отфрли можноста за прекин на огнот поради кој Киев би бил принуден да ѝ отстапи која било од своите територии на Москва, велејќи дека таквото решавање на војната само ќе ѝ даде предност на Русија за уште една поголема војна во иднина.

„Војната нема да запре (по какви било отстапки), само ќе биде паузирана за некое време“, рече Подолјак во интервју за Ројтерс.

„По некое време, со обновен интензитет, Русите ќе го зајакнат своето оружје, војници и ќе работат на своите грешки, малку ќе се модернизираат, ќе отпуштат многу генерали… И ќе почнат нова офанзива, уште покрвава и пообемна.“

Еден ден по коментарот на Подолјак, шефот на канцеларијата на Зеленски, Андриј Јермак, рече дека војната нема да заврши без „целосно обновување на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ