петок, 26 јули 2024

Хемофилтрација се користи кога се исцрпени сите други начини на лекувања, сведочеа Петличковски и Стевановиќ на судењето на Жан Митрев

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето против Жан Митрев на кое сведочеа претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски и поранешната директорка на Инфективната клиника во Скопје, Милена Стевановиќ.

Објавено на

часот

Сподели

Петличковски посочи дека Комисијата за заразни болести во ниту еден момент не дала препорака за примена на хемофилтрацијата како рутински метод за лекување на ковид-19, објави МИА.

„Во документот за авторизација на хемофилтрацијата како метод на лекување на ковид, издаден од Американската агенција за храна и лекови, се регулира примената на хемофилтрацијата кај тешко заболените од ковид-19, во ситуација кога се исцрпени сите други начини на лекувања. Тоа е состојба кога нема посоодветен лек и во строго регулирани ситуации може да се применува“, рече Петличковски.

Поранешната директорка на Инфективната клиника Скопје, Милена Стевановиќ рече дека била дел од тричлената комисија која во време на пандемијата била формирана од Министерството за здравство и дека таа комисија, во врска со хемофилтрацијата како метод на лекување, дала одговор дека не може да се користи за рутинско лекување.

За тоа што треба да знаат пациентите или фамилијата на пациентите кога се применува хемофилтрација, Стевановиќ рече дека тоа подразбира кратко и јасно да се образложи кои се можните ризици од овој начин на лекување.

„Методата е инвазивна и нова и е составен дел од софистицирани методи кај тешко болните пациенти кај кои се следи органско зафаќање, па лекарите се обидуваат да дадат шанса. Секоја квази метода има свои несакани случувања кои не можат да се предвидат, ниту спречат, а хемофилтрацијата е корисна за пациентот да добие шанса“, рече Стевановиќ.

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе обвинителен акт против доктор Жан Митрев, како физичко лице и oбвинителен предлог против неговата болница „Жан Митрев“, како правно лице, за продолжено кривично дело измама.

Предметот е оформен по допрен глас, откако минатата година беше објавен документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Како што информираа од скопското обвинителство, за овој предмет, не станува збор за измама на пациенти, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева. Судењето продолжува на 1 април.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ