понеделник, 21 октомври 2024

Харис ја зголеми предноста пред Трамп

Демократската кандидатка Камала Харис води пред републиканецот Доналд Трамп со 45 отсто наспроти 41 отсто во анкетата на Ројтерс/Ипсос, која покажа дека актуелната американска потпретседателка предизвика нов ентузијазам кај гласачите и ја ресетираше трката пред изборите на 5 ноември.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Предноста од четири процентни поени меѓу регистрираните гласачи е поголема од предноста од еден поен што Харис ја имаше во однос на поранешниот претседател во анкетата на Ројтерс/Ипсос кон крајот на јули. Новата анкета – која беше спроведена во текот на осум дена заклучно до средата и има маргина на грешка од два процентни поени – покажа дека Харис добива поголема поддршка меѓу жените и Хиспаноамериканците.

Харис води пред Трамп со 49 проценти наспроти 36 проценти – или 13 процентни поени – и кај жените и кај гласачите Хиспаноамериканци. Во четири анкети на Ројтерс/Ипсос спроведени во јули, Харис имаше девет поени предност кај жените и шест поени предност кај Хиспаноамериканците.

Трамп води меѓу белите гласачи и мажите, и во двата случаи со слична предност како во јули, иако неговата предност меѓу гласачите без диплома се намали на седум поени во последното истражување, што е пад во однос на 14 поени во јули.

Резултатите покажуваат како се промени претседателската трка во САД во текот на летото. Претседателот Џо Бајден (81) се откажа од својата кампања на 21 јули по катастрофалната дебата против Трамп, што предизвика повици од неговите колеги демократи да се откаже од својата кандидатура за реизбор.

Оттогаш, Харис доби предност против Трамп во националните анкети, но и во некои од критичните „свинг“ држави. Додека националните анкети, вклучително и Ројтерс/Ипсос, даваат важни сигнали за ставовите на избирачкото тело, резултатите од изборниот колегиум за секоја држава го одредува победникот, а победата во неколку држави најверојатно ќе биде одлучувачка.

Во седумте држави каде изборите во 2020 година беа најблиску – Висконсин, Пенсилванија, Џорџија, Аризона, Северна Каролина, Мичиген и Невада – Трамп има 45 спрема 43 проценти предност пред Харис, но посебна анкета на Блумберг њуз/Морнинг консалт, објавена во четвртокот, покажа дека Харис води или е изедначена со Трамп во секоја од тие држави.

„Очигледно е дека трката против Харис е поголем предизвик за Трамп со оглед на промената во овие бројки, но секако не е несовладлива“, рече Мет Волкинг, републикански стратег на кампања, кој работеше на кампањата на Трамп во 2020 година, како одговор на резултатите од анкетата на Ројтерс/Ипсос.

Тој додаде дека Трамп треба да остане максимално фокусиран во својата кампања „за да не ги исплаши“ гласачите кои беа наклонети кон него затоа што не им се допаѓаше Бајден.

Откако официјално ја прифати номинацијата на демократите минатата недела, Харис започна турнеја низ клучните држави, вклучително и Џорџија, каде Бајден силно ја губеше поддршката пред крајот на кампањата.

Независниот кандидат Роберт Ф. Кенеди Џуниор, кој ја прекина својата кампања на 23 август додека сè уште траеше анкетата, имаше поддршка од шест отсто од гласачите и сè уште не е јасно како неговото излегување од трката ќе влијае на поддршката за Харис или Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ