сабота, 19 октомври 2024

Хари Костов: Со присоединувањето на Стопанска банка Битола, Комерцијална банка ќе ја зацврсти позицијата на пазарот

Комерцијална банка АД Скопје со учество од 21,9 отсто е најголема банка во државата според големината на активата на 31 декември 2023 година. По завршување на процесот на присоединување, се очекува вкупната актива на Комерцијална банка АД во 2025 година при инвестиција од 1,25 милијарди денари за купување на акциите на Стопанска банка Битола да се зголеми за дополнителни 11 милијарди денари и да достигне износ од скоро 185 милијарди денари. Тоа значи дека пазарното учество во однос на активата би се зголемило за дополнителни 1,5 процентни поени. Ова во интервју за Фактор го вели Хари Костов, главниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка  за најавеното преземање на Стопанска банка Битола.

Објавено на

часот

Сподели

За понудената цена од 3.200 денари за една обична акција на Стопанска банка Битола, Костов вели дека е резултат на опсежна длабинска анализа за постојното работење и очекуваните идни перформанси на банката.

„Точно е дека таа е под книводствената вредност на акцијата на Стопанска банка Битола, но такви се моменталните мултипликатори по кои се тргува на банкарскиот пазар. Но, исто така е точно дека таа е над номиналната цена на акцијата која изнесува 3.000 денари. И е значително над просечната цена од 2.740 денари, која е остварена со тргувањето на акцијата на Стопанска банка Битола на Македонската берза во последните 12 месеци. Имајќи ги предвид овие моменти, мислам дека понудата е реална и квалитетна од аспект на постојното работење на Стопанска банка Битола и мојата препорака до сите акционери на Банката е да ја прифатат оваа понуда.

Последниве денови слушаме гласини од некои постојни помали акционери на Стопанска банка и тоа пред сé во Битола, кои се обидуваат да влијаат и на останатите акционери, дека оваа понуда од 3.200 денари по акција наводно била првична понуда од Комерцијална банка, акционерите да не ја прифаќаат веднаш понудата и дека потоа наводно Комерцијална банка ќе дадела понуда со поголема цена од сега понудените 3.200 денари.

Од името на Комерцијална банка сакам да бидам недвосмислено јасен. Понудената цена од 3.200 денари по акција ќе биде прва, последна и единствена понуда од Комерцијална банка. Нема да има никакво зголемување или намалување на понудената цена или на прагот на успешност. Доколку акционерите на Стопанска банка Битола ја прифатат понудата во потребен процент, веднаш по завршување на техничките процедури ќе ги добијат своите пари, кои веќе се префрлени на сметката на Централниот депозитар за хартии од вредност во износ од нешто над 1,25 милијарди денари за 100 отсто од акциите, и може да си планираат свои натамошни инвестициони или други проекти. Доколку не ја прифатат сегашнава понуда во потребниот процент, тогаш секоја банка ќе си продолжи самостојно по својот пат.

Би сакал да им укажам уште нешто на акционерите на Стопанска банка Битола. Имено, секој акционер во која било компанија, од акциите што ги поседува очекува неколку работи. Компанијата во која има акции да работи профитабилно, да исплаќа дивиденда и да се зголемува цената на акциите. Како што видовме, Стопанска банка Битола изминативе години во најблага рака има променливи резултати од работењето, веќе подолг низ години нема исплатено дивиденда затоа што неопходно е да го зголемува капиталот (секако, добро е што се зголемува капиталот), а цената на акциите на Македонската берза подолг период беше и под номиналната вредност на акцијата и единствено почна да се зголемува со мал обем на трансакциите откако беше најавен можниот интерес на Комерцијална банка за нејзино присоединување. Се разбира гледаме потенцијал и затоа и донесовме ваква одлука.

Имајќи го сето ова предвид, на крајот сакам уште еднаш да повторам дека моја препорака до акционерите на Стопанска банка Битола е да ја прифатат актуелната понуда од Комерцијална банка во неопходниот процент, затоа што никаква поинаква понуда од Комерцијална банка нема да има“, вели Хари Костов во интервјуто за Фактор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ