сабота, 19 октомври 2024

Хаос во Израел по усвојувањето на првиот закон во спорната судска реформа (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Полицајци со водени топови и на коњи успеаа да ги избркаат демонстрантите дури околу 01:30 часот, јавуваат израелските медиуми.

И покрај тоа, илјадници луѓе продолжиле да демонстрираат на блиската раскрсница Каплан, каде што почнале да се собираат неколку часа порано, лути што владејачката коалиција со две финални гласања донесе закон за ограничување на овластувањата на судиите и за давање на избраните функционери поголема моќ за одлучување.

Во Ерусалим, полицајци на коњи и со водени топови со смрдлива вода ги растераа демонстрантите кои протестираа пред парламентот, а подоцна го блокираа автопатот и стигнаа до зградата на Врховниот суд, за кој критичарите на владата велат дека ќе биде ослабен со реформата.

Организаторите на протестот најавија дека нивната борба само ќе се интензивира и дека на крајот Израел сепак ќе биде демократска земја.

Најмалку 33 лица се уапсени во текот на денот и ноќта во два града, соопшти полицијата.

Израелските медиуми на хебрејски јазик и активисти рекоа дека полицијата употребува прекумерна сила и брутални тактики што не се забележани во 29-те недели на масовни протести против реформите.

Имаше и насилство врз демонстрантите и инциденти предизвикани од нив.

Возач со автомобил поминал низ група демонстранти кои блокирале пат северно од Тел Авив, при што биле повредени три лица.

Протестите се интензивираа во понеделникот доцна попладне, по усвојувањето на законот, кога израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид вети дека ќе поднесе петиција до Високиот суд.

За тоа време, владејачката коалиција ја прославуваше победата освоена еден месец по пропаѓањето на преговорите со цел да се најде компромис со опозицијата за реформите.

„Ова е тажен ден. Ова не е победа за коалицијата. Ова е уништување на израелската демократија“, рече Лапид.

Лидерот на опозициската партија Национална унија, Бени Ганц, рече дека битката можеби е изгубена, но дека војната ќе биде добиена.

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху во своето обраќање до јавноста ги отфрли критиките и рече дека е спроведен неопходен демократски чин чија цел е да се врати рамнотежата меѓу гранките на власта.

Тој најави дека ќе се обнови дијалогот со политичката опозиција и повика на национално единство.

„Ова нема да биде диктатура“, рече поранешниот шеф на израелската безбедност Надав Аргаман, кој синоќа протестираше заедно со своите колеги.

Активисти во Тел Авив запалија оган, вееја знамиња и извикуваа дека нема да се откажат.

Блокирани се патишта и во Ранана и Хаифа на северот на земјата.

Полицијата соопшти дека демонстрантите фрлале шишиња со песок и најмалку 13 полицајци се повредени.

Полицијата имала шок-бомби и овластување да ги употреби, но не го сторила тоа, објави израелската телевизија Канал 12.

Членовите на Кнесетот усвоија закон кој ги спречува судиите да ги поништат владините одлуки што ги сметаат за неразумни.

Владините критичари предупредуваат дека со тоа се отвора пат кон корупција и назначување на неквалификувани луѓе блиски до власта на важни позиции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ