среда, 25 декември 2024

Хамасовци му ја убиле ќерката на милијардер на фестивалот Супернова: „Сакам мир, но тие прво мора да умрат“ (ВИДЕО)

Даниел Валдман го танцуваше последниот танц од својот млад живот непосредно пред зори на 7 октомври. Набргу потоа, таа и нејзините пријатели морале да бегаат во обид да се спасат, но никогаш не стигнале дома.

Објавено на

часот

Сподели

Нејзините последни моменти биле документирани. Кратко видео, снимено на мобилен телефон, е само навестување за ужасот што следел.

24-годишната девојка седи на задното седиште во автомобил со двајца пријатели – прамените од нејзината долга, кадрава коса бегаат од нејзината сива маица со качулка. Сите тројца се лежерно облечени. Се гледаат кратки насмевки, се слушаат гласови кои се поклопуваат еден врз друг, а видливи се сините нараквици од музичкиот фестивал Супернова на кој штотуку биле.

Се обидуваат да останат смирени, но ги ловат. Момчето на Даниел, Ноам Шаи е напред, зад воланот. „Сакате да возам навистина, навистина брзо? прашува, па додава: „Знам како да го направам тоа“.

„Точно“, одговара еден патник. Брадестиот млад човек кој седи до Даниел се обидува да ја смири. „Ќе бидеме добро“, вели тој, а потоа додава: „Се е во ред, нели? Тогаш од предното седиште се слуша прашање: „Лево или десно?“. Видеото потоа завршува.

Неколку минути подоцна, вооружени членови на Хамас го изрешетале автомобилот со куршуми. Ноам, Даниел и нивните пријатели се убиени – заедно со речиси 360 други Израелци кои отишле да танцуваат на фестивалот Супернова во пустината Негев, во близина на границата со Газа.

Совозачот бил земен како заложник. До моментот кога сонцето зајде тој ден, 1.200 Израелци беа убиени – или на фестивалот или во своите домови во заедниците во близина на границата. Тоа е најголемата загуба на животи на Евреи во еден ден од Холокаустот. Огромното мнозинство беа цивили.

Оттогаш, Израел води во војна во Газа „за да го искорени Хамас“, а за возврат се убиени Палестинци, речиси 18.000, според најновите податоци на Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас. Од нив 7300 се деца.

Во Газа сега, како и во Израел по 7 октомври, родителите ги погребуваат своите деца. И за секој родител, Палестинец или Израелец, загубата не може да се надокнади.

Таткото на Даниел, Ејал, разговараше со новинарите на Би-би-си во својата канцеларија исполнета со уметнички дела во Тел Авив. Ејал бил технолошки гигант кој го основал израелскиот производител на чипови Меланокс технолоџи и го продал за 6,8 милијарди долари во 2019 година.

Но, сега тој едноставно е татко, исцрпен од тага, лишен од својата најмлада ќерка.

„Таа беше неверојатна девојка“, вели тој со глас полн со љубов и тага. „Таа сакаше да танцува. Сакаше животни. Сакаше луѓе. Имаше многу, многу пријатели. Сакаше сноуборд, нуркање, да се вози со мотор со Ноам“.

Кога дознал дека Даниел ја нема, веднаш се вратил назад од патот за Индонезија. Добил дозвола да слета во Израел, иако воздушниот простор бил затворен. Три часа подоцна тргнал да ја бара, следејќи ја локацијата на нејзиниот паметен часовник. Тоа било патување на бојното поле.

„Бевме блиску до конфликт со седум терористи, суштества, наречете ги како сакате“, вели тој. „Убија тројца или четворица војници. Потоа зедовме тројца полицајци во џипот и тргнавме на југ“.

Го нашол автомобилот изрешетан, но немало трага од Даниел. „Имаше многу крв во автомобилот“, вели тој. „Се надевав дека не е во автомобилот, дека е ранета, дека успеала да побегне или дека е земена како заложник“.

Нејзиното тело било пронајдено два дена подоцна.

„Сè што ќе допреше беше со насмевка. Никогаш не му наштети на никого“, вели тој, задушувајќи ги солзите. „Таа едноставно сакаше да прави добри работи. А тие ја убија без причина“.

И покрај бруталното убиство на својата најмлада ќерка, Ејал Валдман сè уште верува дека Палестинците треба да имаат држава – и тоа наскоро.

„Мораме да го смениме раководството на двете страни. И тогаш се надевам дека за две до четири години ќе успееме да постигнеме мир и да изградиме две држави и да можеме да живееме едни до други“, вели тој.

Но, пред тоа, тој сака нешто друго. „Секој што беше одговорен, секој што беше поврзан со она што се случи на 7 октомври 2023 година, ќе биде елиминиран. И ние ќе се погрижиме за тоа“, одлучно вели тој.

„Точно знаеме кој дошол, кој силувал, кој колел. Имаме видеа, ги имаме нивните броеви на мобилни телефони. Знаеме кои се тие. Можеме да ги елиминираме. И мислам дека можеме да го елиминираме Хамас“, вели тој.

Поранешниот офицер на израелската армија знае по нешто за водење војна. Служел во елитната единица Голанската бригада.

Но, тој знае нешто и за градење мостови меѓу заедниците. Во минатото, тој отворил дизајнерски центар во Газа, донирал 360.000 долари на тамошната болница и отворил работни места за Палестинците во Појасот Газа и Западниот Брег.

„Дали сега се кае?“, прашува Би-би-си.

„Не, никако“, одговара без двоумење. „Мислам дека мораме да направиме сѐ што можеме за да го направиме ова место најдобро место за живот. И мораме да престанеме да се убиваме едни со други и да најдеме начин да живееме заедно. Работам две и пол децении обидувајќи се да постигнам мир“.

Само 10 дена пред Даниел да биде убиена, разговарала со својот татко за иднината.

„Таа рече: Знаеш, тато, решив да се омажам за Ноа“, се сеќава тој. „Тие беа заедно шест години и тоа беше неверојатно пријателство и партнерство. Сакаа да живеат во село, да имаат деца. Таа сакаше многу деца и многу кучиња и коњи“.

Посветениот млад пар, кој никогаш не добил шанса да се омажи, наместо тоа, бил погребан заедно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ