„Бројот на жртвите на масакрот што го изврши израелскиот окупатор во логорот Нусејрат е 210 маченици и повеќе од 400 ранети“, се вели во соопштението на владината канцеларија на Хамас, во кое не се споменува ослободување на заложниците.
Канцеларијата упати итен апел до меѓународната заедница и меѓународните организации да ја снабдат болницата Ал-Акса со медицински материјали и генератори за да се обезбеди континуирана работа, пренесува Анадолија.
Министерството за здравство во Појасот Газа претходно денеска соопшти дека за време на тешките борби загинале 94 Палестинци, меѓу кои и деца, повеќе од 100 биле ранети.
Покрај логорот Нусејрат, Израел во текот на денот ги бомбардираше и камповите Ал-Магази, Ал-Завајда и Ал-Бураџ, како и околината на Ал-Акса, а палестинската агенција Вафа објави дека жртвите се претежно жени и деца.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска побара итна седница на Советот за безбедност на ОН поради израелскиот напад врз бегалскиот камп во кој загинаа повеќе од 200 Палестинци.