Израелските безбедносни сили одговорија на тоа и објавија дека од хеликоптери гаѓаат воени цели во Либан.
Во соопштението на Хамас, се наведува дека либанскиот огранок на милитантната група ја нападнал Нахарија со околу 20 ракети „како одговор на окупациските злосторства врз палестинскиот народ во Газа“.
Во нападот, додава израелскиот весник, нема повредени ниту е причинета материјална штета. Израелските воздухопловни сили ИДФ посочуваат дека девет ракети летале во израелскиот воздушен простор, пет биле соборени, четири паднале во ненаселени области. ИДФ додаде дека борбените хеликоптери гаѓале воени цели во Либан и дека војниците на теренот се судриле со вооружени лица кои отвориле оган врз армијата на границата со Либан.
Засега нема информации за потенцијални жртви на границата на северот на Израел во последниот конфликт. Тајмс оф Израел додава дека пукање се слушнало и на либанската граница, во северниот град Кирјат Шмона. Локалните медиуми на еврејски јазик наведуваат дека е можно во реонот да има тековни судири меѓу израелската војска и луѓе кои се инфилтрирале од Либан.
Локалните власти им наредија на жителите на градот Метула да останат во засолништата до понатамошна наредба. Многу жители на Метула се евакуирани на југ по повторените напади на Хезболах и сојузничките палестински фракции.