сабота, 27 јули 2024

Хајредини: Воведувањето на полиграф е добро ама на него прво да се тестираат Ковачевски и Ахмети

Ковачевски и Ахмети први да седнат на полиграф затоа што секој ден нѐ лажат, рече поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини на јавната дебата за потребата од полиграфско тестирање на службениците кои работат на граничните премини.

Објавено на

часот

Сподели

Хајредини кажа дека нема против од воведување на ваква пракса, но тоа ќе биде мала работа и потенцира дека немаат морално право против корупција да зборуваат истите луѓе кои ги донесоа измените на Кривичниот законик со кои застареа стотици кривични дела.

„На полиграф кај нас треба да се стават овие двајцата прво. Ковачевски и Ахмети. Ова не е сарказам, ниту иронија, ниту демагогија. Полиграфот е контрола дали лаже човекот. Па ние сме сведоци дека тие секој ден лажат. Тие самите. Имаме примери колку сакате да земеме“, рече Хајредини.

Владимир Пивоваров национален координатор за гранично управување, истакна дека оваа иницијатива за примена на полиграфот како превентивно средство е заснована на истражувања кои се вршени од првиот ден од осамостојување на државата. Тој посочи дека Владата донесе одлука во февруари на седница за отворање на јавната дебата за оваа иницијатива.

„Во нашите предлози пишува дека тоа ќе биде еднаш годишно задолжително за секој кој работи на тоа ризично работно место. Доколку таквиот службеник не го помине полиграфот тоа се снима, значи се прават повеќе тестови од лиценцирани професионалци со најсовремени апарати за детектирање на лаги. Тие се доставуваат веднаш до обвинителот и замислата е таквите луѓе веднаш да бидат отстранети од тоа работно место затоа што велиме ако злосторникот се враќа на место на злосторството тогаш нема да има функционирање на општеството, односно тоа ќе биде сериозен проблем по опстојување на самата држава“, рече Пивоваров.

Според него, на полиграф би поминале сите оние службеници кои работат на високо ризични работни места на граничните премини и граничната линија, а тоа се инспектори и од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од Државниот инспекторат за земјоделство, Граничната полиција и царинските службеници. Доколку ова решение се усвои, согласно постојната систематизација, тоа на годишно ниво ќе значи опфат на некаде околу 1.200 до 1.300 лица.

Во однос на технички кадри кои се потребни за да се спроведе полиграфското истражуање, тој посочува дека според негови сознанија, во моментов во државата има само четворица лиценцирани полиграфски истражувачи. Сепак, додава, доколку државата и партиите го прифатат овој предлог ќе биде започнат процес на обуки, на ново лиценцирање и на користење најсовремени апарати, што вели, би било минимално вложување за да добиете многу во делот на економијата.

Билјана Ивановска поранешна претседателка на ДКСК смета дека корупцијатра е поттикната од политичкото влијание, недоволната транспарентност на институциите, недореченоста на легислативата, но фактор кој води пред сите е недостигот на интегритет и укажа на партиските влијанија при вработувањата на граничните премини.

„Јас силно го поддржувам овој проект оти не само што нема да предизвика трошок, туку дополнително ќе доведе до зголемување на приходите во буџетот на државата. Некои пресметки покажуваат дека доколку корупцијата се стави под контрола, односно доколку системите на внатрешна контрола во самите институции функционираат како што треба, се обезбедуваат некаде околу 10-тина проценти заштеди во државниот буџет. Ова мислам дека уште повеќе може да ги зголеми приоходите“, вели Ивановска.

Сепак за дел од експертите, проблематичен е моментот на поднесување на оваа иницијатива и ја оценуваат како обид за политички маркетинг, а дел забележуваат и на проблемот со неиплементацијата на законите.

„Во Македонија она што е проблем е неспроведувањето на она што е донесено. Македонија има одлични стратешки документи, има одлична законска рамка меѓутоа нејзината имплементација воопшти не се спроведува. Тоа беше и со миграционата политика на времето. Ние имавме одлична стартегија за миграциона политика, кога почна Националната програма за европското ‘аки’, но за жал, нејзината имплементација не беше на тоа ниво“, рече професорот Зоран Филиповски, кој дава поддршка на предлогот за примена на полиграфот, но не само за службениците во царината и граничната полиција, туку и и за останатите надлежни служби.

Зоран Јовановски професор на Воената академија кој беше последниот команданат од Армијата и началник задолжен за границата, кој бил вклучен во процесот на трансформиција, односно започнувањето на примената на моделот на интегрираното гранично управување, вели дека новиот концепт не заживеал целосно.

„Безбедноста почнува од границата и ние се стремевме да го докажеме тоа и имаше извонредни резултати. После трансформацијата и преземањето на граничната полиција од 2005 година, интегрираното гранично упрваување кое требаше да обезбеди подобри услови за безбедноста на самата граница, како поминува времето, веќе 20 години, мислам дека не заживеа онака како што е напишано на хартија. Имаме половични решенија и половични резултати“, вели Јовановски.

Тој сепак смета дека иницијативата за примена на полиграфи ќе даде свој придонес во контролата и изборот на кадарот што треба да работи на граничното обезбедување, а предлага и редовно следење на состојбите на теренот со цел навремено решавање на проблемите.

Во однос на полиграфите, беше истакнато дека тие се применуваат не само од државни институции, туку и од криминалните структури за потврда на доверливоста, но и од приватни компании во насока на заштита на сопствениот капитал.

За полиграфските истражувачи точноста, односно веродостојноста на резултатите на полиграфот е до 97 проценти, и во последните 20 години постигнати се завидни резултати во однос на примената на научните постигнувања, во технологијата и примената на нови научно верификувани методи.

„Грубо кажано, на 15 тестирани лица, веројатноста да го помине некој полиграфот, а да има одредена вина, е отприлика едно лице. Тестирањето може да трае од два, три, четири, па до 12 часа, во зависност од кривичното дело кое се истражува. Не е сеедно да истражуваме некоја ситна кражба и некое кривично дело од крвни деликти“, рече Костадин Иванов, полиграфист од МВР.

Се предвидува до средина на април да бидат завршиме сите пет дебати, по што Националниот координативен центар за гранично управување треба да го изготви предлогот и до 1 јуни да го достави извештајот до Владата. Доколку Владата го усвои и го достави до Собранието, се очекува тој да се гласа од следниот собраниски состав.

Ако се усвои предлогот, тогаш ќе треба да се формира посебна институција под капата на Собранието, за да се исклучи политичко влијание. Еднаш годишно и полиграфистите ќе одат на тестирање за да се провери и нивната чесност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ