сабота, 19 октомври 2024

Гувернерката учествуваше во работата на БИС каде главна тема беше враќање на инфлацијата кон ниските стапки

Објавено на

часот

Сподели

Народна банка е полноправна членка со уште 62 централни банки и монетарни власти од светот, кои учествуваат и имаат право на глас на генералното собрание

На 92. годишно генерално собрание на БИС беа разгледани и усвоени најновиот Годишен извештај за работата на БИС и Годишниот економски извештај на БИС за 2023 година. Усвоениот Економски извештај се осврнува на три области: антиинфлациските политики, заедничкото дејствување на монетарната и на фискалната политика со цел одржување на стабилноста и довербата, како и идните движења во монетарниот систем, информираат од Народната банка.

Во Извештајот, како што се наведува понатаму, се нагласува потребата од холистички пристап при конципирањето на монетарните, фискалните, макропрудентните и структурните политики, земајќи ја предвид сложеноста на тековните предизвици.

На долг рок, потребни се политики коишто ќе обезбедат стабилна макроекономска и финансиска околина за одржлив и забрзан економски раст. Како значаен аспект и структурна реформа за јакнење на економскиот потенцијал се истакнуваат иновациите во дигиталната сфера во монетарниот и на финансискиот систем, имајќи превид дека иновациите во монетарната сфера секогаш биле двигателот на економската активност и раст, соопшти НБ.

Од НБ информираат и дека гувернерката воедно учествуваше и на 22. годишна конференција на БИС, каде што вниманието беше свртено кон актуелните теми, односно централните банки, макрофинансиската стабилност и иднината на финансискиот систем, на која беше дискутирано за односите помеѓу монетарната и фискалната политика во контекст на макроекономската стабилност, пазарите на капитал, политиките на централните банки во смисла на пазарот на обврзници, а се дискутираше и за иднината на криптосредствата, додека акцентот на дискусиите беше ставен на одржувањето на монетарната и финансиската стабилност во времиња исполнети со предизвици.   

Имајќи ја предвид улогата на БИС на банка на централните банки, како и улогата на меѓународната соработка за поддршка на монетарната и финансиската стабилност, овие настани се од исклучително значење за справување со тековните предизвици, но и подготовка за идните движења во монетарната сфера. Гувернерката оствари и билатерални средби со повеќе свои колеги од централни банки членки на БИС, стои во соопштението од НБ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ