„Тоа е повеќе од војна меѓу две ривалски страни. Тоа е војна против суданскиот народ, со илјадници мртви и 18 милиони луѓе што страдаат од тешка неухранетост“, изјави Гутереш за новинарите.
Според него, тоа е војна против човековите права и меѓународното хуманитарно право.
„Дискриминаторските напади што убиваат, повредуваат и тероризираат цивили може да претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече тој, осудувајќи ги нападите врз хуманитарни конвои и сексуалното насилство врз жените и девојчињата.
Војната во Судан почна на 15 април 2023 година, меѓу армијата на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, и паравоените Сили за брза поддршка, под команда на генералот Мохамед Хамдан Дагл.