петок, 10 јануари 2025

Гутереш: Израелските воздушни напади врз Сирија претставуваат нарушување на суверенитетот на земјата

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изјави дека израелските воздушни напади врз Сирија претставуваат кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и „мора да престанат“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Суверенитетот, територијалното единство и интегритетот на Сирија мора да бидат целосно обновени, а сите акти на агресија мора веднаш да завршат“, изјави Гутереш за новинарите, пренесе Ројтерс.

Откако со молскавична офанзива бунтовниците го соборија сирискиот претседател Башар ал Асад претходно овој месец, Израел изврши стотици воздушни напади за кои рече дека имале за цел уништување на стратешкото оружје и воената инфраструктура, наведува агенцијата. Израелските трупи се префрлија и во демилитаризираната зона помеѓу Сирија и Голанската висорамнина окупирана од Израел, создадена по арапско-израелската војна во 1973 година, во која патролираат мировниците на ОН. Израелските власти го опишаа потегот како ограничена и привремена мерка за осигурување на безбедноста на границите на Израел, но не прецизираа кога трупите би можеле да се повлечат, наведува агенцијата.

„Да бидам јасен: не треба да има воени сили во зоната на одвојување, освен мировниците на ОН – точка. Израел и Сирија мора да ги почитуваат условите од Договорот за раздружување на силите од 1974 година, кој останува во полна сила“, рече Гутереш.

Тој рече дека Обединетите нации се фокусирани на овозможување „инклузивна, кредибилна и мирна“ политичка транзиција во Сирија и обезбедување помош за борба против една од најголемите хуманитарни кризи во светот. „Ова е одлучувачки момент – момент на надеж и историја, но и момент на голема неизвесност“, рече тој.

Некои играчи би можеле да се обидат да ја искористат ситуацијата за свои цели, додаде Гутереш. „Но, обврската на меѓународната заедница е да застане покрај народот на Сирија кој толку многу страдаше. Иднината на Сирија мора да биде обликувана од нејзиниот народ, за нејзиниот народ, со поддршка од сите нас“, посочи тој.

На 8 декември, сириските бунтовнички сили презедоа целосна контрола над градот Хомс во западна Сирија, а набргу потоа и над главниот град Дамаск. Откако бунтовничките сили влегоа во овие градови, луѓето се собраа на улиците и плоштадите за да го прослават крајот на 50-годишното владеење на семејството Асад, извикувајќи: „Слобода, слобода“.

Руското Министерство за надворешни работи подоцна истиот ден објави дека Башар ал Асад поднесе оставка од функцијата претседател на Сирија по преговорите со бунтовниците, ја напушти земјата и издаде инструкции за мирен трансфер на власта. Асад е во Москва, каде што тој и неговото семејство добија азил.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ