сабота, 27 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Гулаби

Шљупков често пати добиваше напади на гулапство – сите го шуткаа од плочникот, му ги крадеа кикиритките, секој ден го минуваше понизен и свиткан, цупкајќи од автомобил, до канцелариска коцка, пред шалтери… сакаше да полета, да полета високо, но не можеше, на сите мораше да им гуга, без разлика дали му беше до пој на славеј или до роморен крик на орел. Дали тоа беа манифестации на анималното општо несвесно или либидинозни испади на невроза, психијатрите не можеа да решат. Впрочем, на психијатрите не им беше многу грижа за Шљупков.

Но нам ни е. Затоа овде ќе понудиме рационално објаснување (макаршто истото не ќе му користи многу на Шљупков):

Еволуцијата дејствува секаде, па и во Апсурдистан. Така, сообразно на природата на еволуцијата, апсурдистанските гулаби еволуираа: мрзеливи и прејадени од кикирики, првин ја загубија својата способност за летање, потоа почнаа да носат поголеми јајца, што беше добро за економијата, (иако јајцата не беа корисни за ништо). Логично, се очекуваше следниот чекор во еволуцијата на гулабите е да почнат да кокодакаат. Меѓутоа, тие почнаа да прават нешто многу пострашно – почнаа да носат закони.

Еве некои од високомудрените закони на гулабите:

– Сите птици мора задолжително да соуделуваат во пазарот со јајца и пердуви. Слободниот пазар на јајца и пердуви е основа на птичјата слобода. Секоја птица ќе биде искубана до гола кожа во име на птичјата слобода.

– Птица не смее да убие и оскубе друга птица, освен во согласност со Метафизичката управа на вишите гулаби.

– Со небото управува Метафизичката управа на вишите гулаби.

– Секоја птица мора да извади дозвола за летање. Надлежна за дозволи за летање е единствено Метафизичката управа и од неа помазаните испостави.

– На сите птици им се наплаќа небарина и летарина.

– Гугањето е единствен законски начин на меѓуптичјо општење. Се забрануваат субверзивни облици на птичарење како што се поење, црцорење, гракање. Гракањето е дозволено само на дебатни емисии, во колумни и во судски спорови.

– На орлите, соколите и другите високолетци им се наплаќа дополнителна такса за летање високо над облаците. (Забелешка: по овој закон во птичјиот свет следеше крвава револуција, по што летањето високо над облаците беше целосно забрането).

Но тоа беше само почеток на фантастичниот еволуциски скок на гулапството. Потоа гулабите ја открија вештачката интелигенција и информационите кванти, по што со закон најпрвин го регулираа, а потоа целосно го забранија мислењето – оти имаше нешто друго да мисли во нивно име. Квантната интелигенција, пак, го откри квинтесентното Ништо. Тогаш гулабите го забранија постоењето на гулабите, бидејќи сега имаше нешто друго да постои во нивно име. Или да не постои, сеедно. На рамниште на квантната интелигенција, тоа беше едно исто.

Но многу поретко, Шљупков добиваше и еден специфичен напад, атавизмот на неговиот изворен вид – човештвото: можеше да полета. Да полета толку високо, толку далеку, толку убаво и грациозно… Но веќе не сакаше.

 

                                                                                                  Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ