сабота, 27 јули 2024

Грузија: Комисијата го усвои законот за „странски агенти“, 20 приведени на протест

Најмалку 20 лица се приведени на денешните протести пред Парламентот на Грузија, каде што утрово, без учество на опозицијата, Правната комисија го усвои предлог-законот „За транспарентност на странското влијание“.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за внатрешни работи на Грузија соопшти дека демонстрантите пред парламентот „го нарушиле јавниот ред, дале отпор на полицијата и ги навредувале“ полицајците, поради што се уапсени 20 од нив, меѓу кои еден руски државјанин и двајца американски државјани, пренесува Интерфакс.

Опозициските пратеници тврдат дека не им било дозволено да влезат во зградата на парламентот каде Правната комисија го усвоила законот по две минути, со што се отвора патот за гласање на законот во собранието оваа недела, според Ројтерс.

Во Грузија секојдневно се случуваат протести против овој закон, а синоќа демонстрантите се собраа во близина на зградата на парламентот, од каде полицијата ги отстрани за да можат да влезат пратениците, пишува РИА Новости.

Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе вчера изјави дека законот за странски агенти ќе биде усвоен и им се закани на оние кои протестираат против усвојувањето на законот дека ќе бидат уапсени доколку прибегнат кон насилство.

Службата за државна безбедност на Грузија во средата објави дека целта на демонстрантите е „насилно да ја преземат власта“ со помош на финансии од странски партии и невладини организации. Парламентот на Грузија на 1 мај во второ читање го усвои предлог-законот „За транспарентност на странско влијание“, со кој се предвидува организациите кои добиваат повеќе од 20 проценти средства од странство да бидат регистрирани како „агенти за странски интереси“.

Ваквиот закон минатата година беше напуштен поради масовни протести, но во април годинава владејачката партија „Грузиски сон“ предложи речиси идентичен закон, со промена наместо терминот „агенти за странски интереси“ да се користи „организација која работи за странски интереси“.

Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Турк, претходно ја повика Грузија да го повлече овој нацрт-закон од процедурата, додека претставници на Европската унија предупредија дека неговото усвојување ќе биде сериозна пречка Грузија да стане членка на ЕУ.

Грузиското Министерство за надворешни работи на 2 мај потврди дека премиерот Иракли Кобахидзе одбил да ја посети Америка, откако американската страна постави услов да се прекинат дискусиите за нацрт-законот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ