Комисијата смета дека државите, меѓу кои е и Македонија, презеле мерки за да одговорат на препораките во шестиот извештај во рамките на Механизмот за суспензија на визите, но и додава дека тие треба да ја усогласат визната политика со визната политика на ЕУ.
Сите држави и територии од Европа продолжуваат да ги усогласуваат своите визни политики со ЕУ и ги користат полезностите на безвизниот режим, а единствената држава на овој континент чијшто безвизен режим во овој момент е загрозен е Грузија, поради последните превирања во таа земја.
ЕУ-комисијата го усвои седмиот извештај во рамките на механизмот за суспензија на визниот режим, кој служи за надгледување на безвизните режими што ЕУ ги има со своите партнери од Западен Балкан, Источното партнерство, со земјите на Источните Кариби и на Латинска Америка.
Во него се наведува дека патувањето без визи „ги олеснува мобилноста и меѓучовечките контакти, го поттикнува секторот на патувањата и на туризмот и ја промовира културната и академската размена“, но и дека „може да претставува значителни предизвици во врска со нерегуларните миграции и со безбедноста“.
Поради тоа ЕУ го следи исполнувањето на условите за либерализација на визниот режим и еднаш годишно за тоа ги известува Европскиот парламент и Европскиот совет.
„За соседството на ЕУ продолжувањето на процесите на либерализација на визниот режим останува моќно средство за поддршка на реформите и за јакнење на соработката со ЕУ во областа на миграциите, управувањето со границите и на безбедноста. Комисијата смета дека Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, С Македонија и Србија ги презедоа мерките за да одговорат на неколкуте препораки што се дадени во шестиот извештај во рамките на Механизмот за суспензија на визите.
Меѓутоа, тие и понатаму мораат да преземат и понатамошни акции, особено да ја усогласат својата визна политика со визната политика на ЕУ“, се наведува во последниот извештај.
За Украина и за Косово се наведува дека и понатаму постојат услови за безвизен режим со нив, но дека мора да ги преземат мерките од препораките на ЕУ-комисијата, додека за Грузија, со оглед на последните настани, се размислува за можна суспензија на визите за одредени категории на граѓани доколку не преземат итни мерки, особено тие од областа на заштитата на основните права.
ЕУ-комисијата наведува дека исполнувањето на условите за либерализација на визниот режим ќе биде вклучено во годишниот пакет за проширувањето, како и во преговорите за пристапувањето во ЕУ.
ЕУ во моментов има безвизен режим со 64 земји и територии што не се членки на ЕУ, според кој државјаните што не се од Унијата можат да влезат без виза во шенгенскиот простор на 90 дена, во рок од 180 дена.