сабота, 27 јули 2024
Пресуда на Основниот кривичен суд Скопје

Грозоморни детали: затвор од 8 години за татко што сексуално ја злоставувал 2-годишната ќерка

Објавено на

часот

Сподели

Таткото од Скопје, кој е дипломиран машински инженер, според пресудата е прогласен за виновен бидејќи при остварувањето лични контакти со малото девојче по разводот со сопругата се соблекувал пред детенцето, ѝ го ставал половиот орган во гаќичките, ја допирал, ја соблекувал гола, а сето тоа девојчето со гестикулации и со реченицата „Тато ми става плочки“ им го пренело дома на мајката и бабата.

Во текот на постапката биле подготвени вештачења од институциите на највисоко ниво преку кои се утврдило дека обвинетиот го сторил кривичното дело и дека бил пресметлив во моментот на сторувањето на кривичното дело, се вели во пресудата од Основниот кривичен суд Скопје.

Но за обвинетиот и неговиот бранител ова кривично дело е исконструирано од мајката и бабата на девојчето за да ги спречат контактите на обвинетиот со неговата ќерка, а како одмазда на тоа што тој покажал упорност за остварување на правото да комуницира и остварува непосредни контакти со неа. Одбраната вели дека вештачењето на кое се повикува судот само по себе има недостатоци, кои го прават невалидно, односно дека тоа е изработено од физички лица што немале лиценца. Таткото на девојчето тврдел дека уште додека траела постапката за развод со неговата сега поранешна сопруга постоела идеја за да се запрат видувањата на таткото и девојчето.

Мајката на вработени лица од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи им соопштила дека по едно од видувањата со таткото, девојчето било вратено дома вознемирено, облечено во други алишта, со црвенило и многу крема и дека кога се враќале од градинка кажало дека таткото ѝ ставал плочки.

Во пресудата стои дека обвинетиот и неговата одбрана тврдат дека детето имало отпор кон таткото бидејќи бабата јасно покажувала негативен став за него.

Во завршниот збор адвокатот Владо Џилвиџиев, застапник на таткото наведува дека ако обвинетиот бил подетално подложен на емпириско проучување на случајот, ќе се утврдело дали постои сексуална возбуда и сексуална склоност кон деца, дали постои историја на сексуално злоупотребување или дали постоело во детството на обвинетиот, бидејќи, како што вели бранителот повикувајќи се на науката, педофилите се учат на педофилско однесување со тоа што и самите биле жртви на сексуална злоупотреба.

Адвокатот на обвинетиот татко вели дека треба да биде ослободен од обвинение бидејќи сметаат дека нема докази, туку само индиции. За обвинетиот, кажувањата дека тој ја злоставувал ќерката се субјективни сфаќања на мајката и бабата.

За причината поради која неговата сопруга поднела кривична пријава, обвинетиот пред судиите вели дека долго размислувал и не можел да најде логична причина освен тоа дека постапката против него е покрената за да му биде изречена мерка притвор и извесно време да биде отсутен од станот, кој бил заеднички, а во кој живеела и неговата сопруга, која доброволно го напуштила, а на овој начин ќе можела да се врати и и натаму да го користи станот.

Во пресудата се вели дека судиите утврдиле дека обвинетиот го сторил кривичното дело родосквернавење од вербалните, но и материјалните докази изведени на главен претрес од кои се утврдиле релевантни околности во врска со времето, местото, начинот и последиците од извршените кривични дела.

Кога почнало злоставувањето, девојчето имало само 2 години и 3 месеци, а нејзината мајка забележала дека при секое враќање од средбите со нејзиниот татко таа кажува дека нејзиниот татко ѝ „ставал плочки во гаќите“, но и дека ѝ ставал „прст во половиот орган“ поради што таа чувствувала болка. Мајката барала од девојчето да ѝ објасни какви се тие плочки што ѝ ги ставал таткото, односно да ѝ нацрта.

Мајката продолжила да го носи детето на средби со таткото и се обидувала да собере докази не можејќи да поверува во она што го кажувало нејзиното дете. Девојчето сѐ почесто зборувало дека таткото ѝ ги соблекува панталоните и ѝ „ставал плочки“ демонстрирајќи како тоа изгледа, па ги ставала рацете на подот и велела: „Еве, вака тато ми правеше“. Таткото, според кажувањето на девојчето и нејзината мајка, ги употребувал зборовите: „Ти имаш мевце, јас имам мевце, сега јас моето мевце ќе го ставам кај твоето“.

Во 2003 година Центарот за социјални работи одредил средбите на таткото и девојчето да се одвиваат под надзор, во просториите на самиот центар, но во мај 2004 Центарот донел нова одлука – тие да се среќаваат во домот на таткото.

Детали уште пострашни од оние кои ги објавуваме има во пресудата, но тој дел ќе остане познат за редакцијата на МКД.мк и поради морални и етички причини нема да ги објавиме.

Малото девојче немирно спиело, барало мајката да ја гушка и да не ја остава додека спие, односно според вештите лица, таа на тој начин барала заштита. По извесно време, вели мајката, а пишува во пресудата, девојчето кажувало дека не сака повеќе да оди кај таткото бидејќи, како што рекла, ѝ правел лоши работи, а била трауматизирана и исплашена.

Одреден временски период видувањата помеѓу таткото и девојчето се случувале во просториите на Центарот за социјални грижи, а некој од вработените забележал дека таткото неприродно ја гушка и ја милува ќерката, дека ја допира по задникот. Во пресудата стои дека под терминот „плочки“ детето подразбирало полов орган.

Исказот на мајката за овој грозоморен случај е прифатен од судот, бидејќи како што се вели во одлуката, тој целосно одговара на битните факти и е категоричен, јасен, недвосмислен и со целосна хронологија, а го поткрепуваат и материјалните докази. Обвинетиот е прогласен за виновен и осуден на казна затвор од 8 години.

Редакцијата на МКД.мк претходно објави пресуда според која таткото од Скопје што пред 3 години ја силуваше својата ќерка беше осуден на казна затвор во траење од 9 години. Шеесет и петгодишниот родител беше осуден за истото кривично дело, односно за родосквернавење. Грозоморниот настан за кој доби казна затвор се случил на 9 ноември 2020 година, а жртва беше неговата тогаш 29-годишна ќерка.

Р.М. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ