сабота, 27 јули 2024

Грозданова: Многумина се соменваат во вакцините, а никој не прашува каква вакцина прима кога треба да оди на Малдиви

Постои недоверба и постојат митови поврзани со вакцинацијата од различни болести, а сето тоа предизвикано од лажните вести кои не се засновани врз научна вистина, вели проф. д-р Александра Грозаданова, национален координатор за имунизација. На денешната средба со новинарите на која беше презентиран Извештајот за реализација на имунизацијата на населението,за 2022 година, таа се осврна на МПР вакцината (мали сипаници) и ХПВ вакцината која во Македонија ја примаат само девојчињата. Според податоците од Извештајот за задолжителна имунизација  на населението, во однос на примарната вкцинација не е констатиран препорачаниот опфат на над 95 отсто вакцинирани граѓани за ниту една вакцина. 

Објавено на

часот

Сподели

Таа посебно се осврна на епидемијата на мали сипаници што беше прогласена во февруари 2019 година.

„Најмал процент на вакцинација со МПР вакцината беше во 2018 година. Во февруари 2019 беше прогласена епидемија по што процентот на вакцинација се зголеми. Преовладува страв дека оваа вакцина предизвикува аутизам. Во тој период од шест месеци тогаш вакциниравме 42.000 деца. Ако имаше тренд на заболување од аутизам зарем мислите дека тоа немше да биде евидентирано“, вели Грозаданова.

За неа е нејасно како луѓето не веруваат во вакцините, а, како што рече таа никој не прашува каква вакцина прима и со каков квалитет кога треба да се патува на Малдиви, на пример,

„Кога треба да се патува на Малдиви никој не прашува какви вакцини против жолта треска прима. Студентите што одат на студии во странство за краток примаат и по неколку вакцини и тоа не се доведува во прашање.  Здравствените работници од Македонија што одат на работа во странство исто така примаат по неколку вакцини“, вели Грозаданова.

Прашана од каде произлегува недовербата во вакцинацијата во Македонија, д-р Грозданова вели дека тоа е генерално од недовербата во целокупниот систем.

„Генерално недовербата произлегува од целокупната недоверба во државниот систем. Тука се и социјалните мрежи, а и тоа дека секој што прочитал по нешто од одредена област веднаш мисли дека е експерт. Но треба да бидеме реални и да тргнеме од себе. Здравствените работници мора да бидат свесни дека кога излегуваат во јавност се што ќе кажат мора да го потврдат со научни факти“, вели Грозданова.

Според неа, недовербата произлегува и од фактот што со вакцинацијата болеста не се гледа токму затоа што, како што вели таа, вакцините штитат од болестите пред да се појават.

„Кога имаме мака и кога сме болни пиеме лекови и ние веруваме во нив што значи дека лекот ја завршил работата, но бидејќи од вакцините ние болеста не ја гледаме токму затоа и не веруваме во нив“, вели Грозданова.

Вакцината не штити 100 отсто ама штити од тешки форми на болести и смрт

Портпаролот на Комисијата за заразни болести д-р Злате Мехмедовиќ вели дека е точно дека вакцината не го штити човекот 100 отсто но е сигурно дека таа штити од тешки форми на болсетите и штити од смрт. За него уште понеприфатливи се митовите кои не се засновани врз научни вистини.

„ХПВ вакцината е една од најлошо прифатените вакцини. Но интересен е фактот што различни вакцини во различни градови се различно прифатени. Ете ХПВ вакцината во Куманово и Скопје е различно прифатена. Сметм дека тоа зависи од индивидуалниот пристап на медицинските тимови како ќе ги расчистат митовите за вакцинацијата. Еден од нив е дека оваа вакцина предизвикува стерилитет кај жените. Фактите покажуваат дека ниту 1 отсто од сите испитани вакцинирани девојчиња кај кои што се појавиле контраиндикации, кај никое од нив не се појавил стерилитет. Во оваа насока треба да се размислува дури и за вакцинација од ХПВ и кај машките деца со оглед на тоа што кај нас со ХПВ се вакцинираат само девојчињата затоа што постојат многу видови на ХПВ вирусот. Она што е важно да се каже за ХПВ вакцината не е тоа дали таа предизвикува стерилитет туку дека таа штити од рак на матката“, вели Мехмедовиќ.

Мехмедовиќ исто така вели дека нема научни докази дека МРП вакцината против мали сипаници предизвикува аутизам.  Напротив, вели тој, има многу аргументи дека тоа не е така.

Комуникологот Бојан Кордалов вели дека социјалните мрежи се најголемиот извор на лажни информации и дека затоа мора да се разгранични што е тоа слобода на говор гарантирана со Уставот и што е тоа ширење на дезинформации и ширење на паника и страв.

„Надобрата борба против лажните вести и дезинформациите се научната вистина и фактите. Затоа медиумите со професионално известување можат да бидат најдобрите бранители на фактите“, вели Кордалов.

Според податоците од Извештајот за задолжителна имунизација во однос на примарната вкцинација не е констатиран препорачаниот опфат на над 95 отсто вакцинирани граѓани за ниту една вакцина. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ