сабота, 27 јули 2024
Изјава на вицепремиерката

Грковска очекува потези од домашните институции откако САД го стави Анѓушев на „црната листа“

Очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата, изјави вицепремиерката задолжена за добри политики на владеење Славица Грковска во врска со ставањето на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД. Грковска се осврна и на случаите на Онкологија и во Агенцијата за филм.

Објавено на

часот

Сподели

„Секоја помош од меѓународните институции, од нашите пријателски држави, особено САД, кои се стратешки партнер, е добредојдена и очекувам меѓународните и домашните институции понатаму да ги преземат сите неопходни мерки согласно укажувањата. Веќе предложивме и тоа помина на Влада да се направат измени во Законот за рестриктивни мерки, при што покрај санкциите од ЕУ и ОН, ќе бидат додадени и санкциите од САД и тоа ќе биде дополнителна вредност во борбата против корупцијата и организираниот криминал“, изјави Грковска на новинарско прашање на маргините на Отворен форум за антикорупција.

Стејт департментот ги стави Анѓушев и членовите на неговото семејство на „црната листа“ поради „неговата вмешаност во значителна корупција“ и го означи како генерално неподобен за влез во САД.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.

Анѓушев, пак, во соопштение до медиумите ги негираше сите сомневања изразени од Стејт департментот.

Грковска потоа истакна дека ги издвои ревизорските извештаи за Онкологија и за Агенцијата за филм. 

„Последните два случаи кои траат во континуитет, кои ги следиме со акциски планови е тој за Онкологија, уште во јули ги задолживме со активности, го доставија документот, имаме предолжени заклучоци на Влада денеска би требало да ги разгледаме и го отворивме прашањето уште пред да излезе во јавност за Агенцијата за филм, при што има заклучок дека итно Генералниот секретаријат треба да распише оглас за избор на директор. Во меѓувреме поради наодите на ДЗР кога требаше да биде избран директор бев против, меѓутоа за жал беше ставен в.д. директор. Ги следиме сите извештаи во смисол дека по доставениот извештај институциите имаат рок од 30 дена да предложат акциски планови, кои потоа ДЗР во соработка со институциите ги следи, ги предупредуваме институциите да не задоцнат и да бидат исполнителни“, рече Грковска.

Како една од добрите практики, во соработка со ДЗР, ја посочии нформацијата врз основа на ревизорските извештаи за јавен долг, која поминала на Влада, при што имало заклучоци за тоа кои конкретни министерства и институции како треба да постапат во одредени рокови, за да се надминат проблемите кои се детектирани кај нив.

Во однос на пријавите за прекршување на Етичкиот кодекс не можеше да се сети на точна бројка, но одговори дека постапиле секогаш кога имало укажувања од медуми, граѓани, ДКСК. Во однос на тие што го повториле делото, посочи еден случај, со вицепремиерот Артан Груби, но додаде дека тие како кабинет имаат обврска да го информираат премиерот и оти тоа го направиле. Кодексот, вели Грковска не е закон и тој е недоволен и затоа изготвиле нацрт-законски решение,  кое ќе го врзат со оние лица кои не постапуваат согласно Кодексот и кои се на листите на санкции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ