„Европските нафтени и гасни компании воопшто не учествуваат во транзицијата“, иако „тие велат дека го прават тоа“, изјави за АФП Јакуб Гоголеуски од Гринпис. Среде топлинскиот бран, тој презентираше анализа на извештајот на 110 страници напишан од германскиот политиколог и експерт за енергија Штефен Буколд.
Според тој извештај, кој ги комбинира резултатите на дванаесет европски групи од 2022 година, вклучувајќи ги БП, Тотал енерџис и Шел, само 0,3 отсто од нивното вкупно производство е остварено во областа на обновливите извори на енергија.
Во просек, „само 7,3 отсто од инвестициите“ на дванаесетте компании биле поврзани со зелена енергија, а 92,7 отсто биле финансирани активности поврзани со фосилна енергија, како што се гасот и нафтата, кои испуштаат јаглерод диоксид и ја загреваат климата, предупредуваат од невладината организација за заштита на животната средина. „Покрај тоа, ситуацијата се влоши во 2023 година.“
Мнозинството европски компании за нафта и гас планираат „да го одржат, па дури и да го зголемат производството на нафта и гас барем до 2030 година“, иако повеќето се обврзаа да ги елиминираат своите емисии на ЦO2 до 2050 година, посочува невладината организација.
Под слоганот „термометарот експлодира благодарение на индустријата за фосилни горива“, неколку активисти во вторникот изградија макета на нафтена дупка во деловниот кварт Ла Дефенс, на влезот во Париз, каде што е седиштето на Тотал енерџис.
Како што направија за јагленот, невладината организација ги повикува европските влади да ја регулираат работата на енергетските компании за да ги принудат да го „намалат“ производството, бидејќи „саморегулацијата не дава резултати“. Така, таа сака државите и Комисијата да постават „задолжителна цел за намалување на потрошувачката на нафта“, посочи Гоголеуски.
Извештајот, насловен „Валканите дванаесетмина“, ги обединува податоците од годишните извештаи на шест големи меѓународни нафтени компании со седиште во Европа за 2022 година, вклучувајќи ги Шел (Велика Британија-Холандија), Тотал енерџис (Франција), БП (Велика Британија), Еквинор (Норвешка), Ени (Италија) и Репсол (Шпанија) и шест национални нафтени и гасни компании, ОМВ (Австрија), ПКН Ориен (Полска), МОЛ (Унгарија), Винтершел деа (Германија, подружница на БАСФ), Петрол груп (Словенија) и ИНА (Хрватска).