сабота, 15 март 2025

Григорјан: Одбележуваме 30 години УНДП во земјава, вложени се 230 милиони евра

Организацијата за развој на Обединетите нации (УНДП), годинава одбележува 30 години од присуството во земјава. Јубилејот, како што истакнува во интервју за МИА постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан ќе биде одбележан со серија настани во различни делови на државата.

Објавено на

часот

Сподели

„Ќе спроведеме серија настани, а со ова интервју го најавуваме почетокот на кампањата. Од сега натаму секој месец ќе имаме најмалку два настана во различни делови од државата, во секој од планските региони. Потоа во октомври, во месецот кога се потпиша Стандардниот основен договор меѓу УНДП и Северна Македонија планираме завршен настан тука во Скопје“, најавува Григорјан.

УНДП, нагласува тој, е безусловна понуда која им е достапна на граѓаните на Северна Македонија. Работата ја започна во октомври 1995 година со само четврица вработени, а сега има 80. Спроведени и поддржани се бројни проекти и програми во различни сектори и области. Покрај основното финансирање кое УНДП го придонесува со сопствени средства, се спроведуваат и иницијативи со пари од донатори.

„Сакам да ја искористам оваа можност да им се заблагодарам на нашите донатори и партнери кои даваат поддршка на УНДП и преку тоа ја поддржуваат Северна Македонија во последните 30 години. Износот вложен од УНДП во Северна Македонија во последните 30 години во форма на чисти грантови е околу 230 милиони евра. Да се навратам на мојата прва изјава дека ова е можеби најбезусловната понуда која им е достапна на граѓаните. Бидејќи како УНДП, ние распишуваме тендер и го спроведуваме во име на Владата. Значи работиме согласно приоритетите на Владата“, вели Григорјан во интервјуто.

Nекои од актуелните донатори со кои работи УНДП се ЕУ, Швајцарија, Шведска, Обединетото Кралство, Холандија, Словачка, Норвешка, Австрија, Јужна Кореа и други.

„Мислам дека она што е исто така важно за нас, не е износот на средствата што се инвестираат, туку довербата и партнерството што го создаваме преку заедничка работа со заедниците, со општеството, со националните институции“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ