сабота, 27 јули 2024

ГРЕКО: Загрижува членството на министерот за правда во Судскиот совет

Македонија бележи напредок во имплементацијата на препораките од Извештајот од четвртиот круг на евалуација на Групата на држави за спречување на корупцијата (ГРЕКО) на Советот на Европа, се наведува во второто дополнение на Вториот извештај за усогласеност на земјава во спроведување на препораките што се однесуваат на спречување на корупција меѓу пратениците, судиите и обвинителите, со што се комплетира постапката за овој евалуациски круг. Во делот на судството, ГРЕКО ја повторува својата загриженост во врска со членството по службена должност на министерот за правда во Судскиот совет, за обвинителите, единствената преостаната препорака се однесува на проширување на опсегот на санкции кои се достапни за дисциплински повреди.

Фото: Совет на Европа

Објавено на

часот

Сподели

Во дополнението на Извештајот се оценува дека 14 од 19-те дадени препораки се имплементирани во задоволителна мера или по нив е постапено на задоволителен начин, за четири дека се делумно имплементирани, а само за една од препораките е дадена оценка дека не е имплементирана.

ГРЕКО во Извештајот посочува напредок во однос на рационализирањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците, како и на изработката на програма за обука на пратениците за примена на Кодексот и за идно подигање на свесноста за стандардите поврзани со етиката и интегритетот.

Сѐ уште се работи на други промени. Ќе се обрне особено внимание на доверливото советување и менторство во идниот нов собраниски Деловник, а интерните правила за Законот за лобирање се во подготовка во рамки на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието. ГРЕКО изразува жалење што нема подобрување во поглед на системот на санкционирање предвиден со Законот за спречување на корупција и судир на интереси“, се наведува во текстот.

Во делот на судството, ГРЕКО ја повторува својата загриженост во врска со членството по службена должност на министерот за правда во Судскиот совет, додека кога станува збор за обвинителите, единствената преостаната препорака се однесува на проширување на опсегот на санкции кои се достапни за дисциплински повреди, при што се посочува дека македонските власти најавиле дека таа ќе биде земена предвид при изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство.

„За таа цел, ГРЕКО би сакал да ги охрабри властите да го сторат тоа што е можно поскоро“ се вели во Второто дополнение на извештајот.

Како дополнително имплементирани во задоволителна мера се оценети препораките кои се однесуваат на изготвувањето на Кодекс на однесување за членовите на Собранието што ќе биде лесно прифатлив за јавноста и на воспоставување на собраниски механизам за негова промоција, како и за јасно дефинирање на дисциплинските повреди од страна на судиите и проширување на опсегот на санкции, при што разрешување на судија да биде возможно за најсериозните повреди со цел да се спречи можноста тој да биде разрешен само доколку се утврди дека со неговата одлука се прекршува правото на судење во разумен рок.

Во извештајот како задоволително имплементирани се оценети и препораките за воспоставување на јасни стандарди за професионално однесување на обвинителите придружени со појаснувачки коментари и/или практични примери и за утврдување на правила и стандарди за обвинителите во однос на прифаќањето на подароци и други предности и воспоставување соодветен надзор на нивна примена.

ГРЕКО смета дека во задоволителна мера е имплементирана и препораката за воспоставување соодветни правни, институционални и оперативни мерки кои ќе обезбедат поцелосна проверка на изјавите за интереси и анкетните листови поднесени од страна на пратениците, судиите и обвинителите, особено со реструктурирање на процесот на верификација под водство на Државната комисија за спречување на корупција.

Како делумно имплементирани се оценети препораките за воспоставување на интерни механизми и водичи во рамките на Собранието за превенцијата од судир на интереси и прифаќање на подароци и други погодности, за воведување на правила за односите на пратениците со лобисти и трети лица кои настојуваат да влијаат врз законодавниот процес, за обезбедување соодветни законски санкции и активности за сите на повреда на правилата од страна на пратениците, како и за ревидирање на дисциплинскиот режим за обвинителите со цел јасно дефинирање на повредите, проширување на опсегот на санкциите и обезбедување услови за разрешување на обвинителите само за најсериозните случаи на повреди.

Според ГРЕКО, земјава досега не ја имплементирала само препораката за зајакнување на независноста на судството од „несоодветно политичко влијание“ и укинување на членството на министерот за правда во Судскиот совет по службена должност.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ