петок, 18 октомври 2024

Грција се тркала кон излез од еврозоната

Објавено на

часот

Сподели

Заглавени меѓу ЕУ, ММФ и приватните купувачи на обврзници, Грција мора да ги издржи мерките на штедење и да изнуди втор спас пред големата наплата на обврзници на 20 март.
Инспектори од ЕУ, ММФ и Европската централна банка уште овој месец треба во Атина да изработат нов спасувачки пакет, кој начелно беше договорен во октомври минатата година. Грција исто така треба да постигне договор со приватните сопственици на нејзините државни обврзници за да избегне продавање по автоматизам.
Минатиот месец портпаролот на владата Пантелис Капсис за државната телевизија изјави: „Договорот за извлекување мора да биде потпишан. Инаку ќе бидеме исфрлени од пазарите, ќе бидеме исфрлени од еврото“.
Но додека Грција трпи обвинувања дека го уценува Брисел со банкрот, Јохан ван Овертвелт, уредникот на белгиските списанија Трендс и Некс, изјави дека Атина навистина нема избор.
„Тоа е еден вид уцена – дајте ни уште пари или ние ќе излеземе и вие, преостанатите земји од еврозоната, ризикувате да се најдете во состојба на хаос. Но факт е и дека тие навистина се наоѓаат на крајот на патот – за нив нема преостанати опции. Тие се во ќор-сокак, не  можат да ја премотаат наназад грчката економија и им се заканува голема црна дупка“.
Всушност, додека предупредувањето на Капсис беше општо протолкувано како повик да се засили домашната поддршка на крајно непопуларните мерки, Овертвелт тврди дека Владата навистина се труди да го избегне понатамошното економско пропаѓање, кое на крај ќе ја принуди Грција да излезе од монетарната унија. И зголеменото незадоволство е многу реално.
„Грчката економија  паѓа како камен. Дојде моментот кога сите во Грција сфаќаат дека немирите и анархијата во земјата стануваат толку голема закана што мора да се преземат драстични мерки“, вели тој.
Како резултат на тоа, Овертвелт вели дека грчката влада „бара алиби да му понуди изговор на сопствениот народ поради кој тие ќе кажат – не е наша вина, виновна е меѓународната заедница, која нѐ турка кон излезот од еврозоната“.
Сепак, иако гувернерот на Банката на Грција, Јоргос Провопулос, за еден локален весник изјави дека враќањето на грчката драхма „би значело вистински пекол“ за земјата, Овертвелт вели дека тоа е единствениот начин Грција да се врати на вистинскиот колосек.
„Сметам дека дури и грчкиот премиер Лукас Пападемос сега ќе мора да признае дека проблемите на Грција не може да се решат со структурни реформи што и онака мора да се спроведат. Ним им треба време за да дадат резултати, а Грција повеќе нема време“, вели тој.
„Проблемите се толку страшни, рецесијата толку длабока, што е потребна шок-терапија. Секако, излезот од еврозоната би бил голем шок, бидејќи меѓу другото, тоа би значело моментен пад на вредноста на валутата – новата драхма – што веднаш би ја вратило меѓународната конкурентност на грчките компании“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ