Традиционално, секоја недела Мицотакис на фејсбук објавува седмичен преглед, а денеска, со оглед на тоа што е прв за годинава, се осврна на заложбите на Владата за 2025 година, меѓу кои е и подобрувањето на работата на граничните премини, јави дописничката на МИА од Атина.
Објасни дека надградбата започнува со преминот Кипи во Еврос кон Турција, проект за кој е во тек тендерот од 12,9 милиони евра, а со кој според Мицотакис, „се очекува да се намали времето на чекање за минување на возилата за 75 отсто“ и се проценува дека проектот ќе биде завршен до крајот на 2025 година.
„По Кипи ќе следи надградба на сите главни копнени гранични премини (Кастаниес кај Еврос, Евзони, Лемос во Преспа, Какавија и Кристалопиги. Нивната сегашна слика не е соодветна за европска држава како Грција. За прв пат по децении, ќе се изврши градежна и технолошка обнова на сите централни влезни/излезни точки во земјата, со цел побрзо да се опслужуваат посетителите и трговскиот транспорт. Намалувањето на времето на чекање на влезовите и излезите на земјата ќе придонесе за економска и туристичка стимулација на северна Грција, од Тракија до Епир“, напиша Мицотакис.
Министерот за внатрешни работи на Грција Тодорис Ливаниос, во интервјуто за грчкиот весник Прото тема минатата седмица, говорејќи за граничните премини рече дека планираат целосна модернизација што започнува со Кипи, а потоа ќе следат копнените премини Евзони кон Македонија и Кастаниес кон Турција.
Со надградбата на граничните, според најавите, се очекува да се намали времето на чекање, кое минатото лето на Богородица-Евзони, поради големиот број туристи, во одредени денови достигнуваше и до пет часа.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во понеделникот соопшти дека со Грција се работи на забрзување на граничниот премин Богородица и за многу кратко време ќе се работи на реконструкција на граничните премини на Дојран и на Меџитлија со цел тие три гранични премини да се функционални.