сабота, 27 јули 2024

Грција ѝ праќа на Украина ненаведувани ракети од времето на Виетнамската војна

Грција ќе испрати ново количество оружје и муниција за помош на Украина, вклучително и ненаведувани ракети зуни со калибар 127 милиметри од Виетнамската војна, кои се лансираат од авиони и хеликоптери, објави порталот Балканска безбедносна мрежа.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Новиот контингент помош за Украина во оружје и опрема содржи, според грчките медиуми, 2.000 ракети зуни, 180 ракети од 70 милиметри (2,75 инчи), 90.000 90-милиметарски гранати, четири милиони куршуми и 70 хаубици М114А од резервите на грчката армија.

Вооружувањето и муницијата во Украина ќе се доставуваат преку Чешка, од која ќе се купува одредено количество муниција.

Во тек се преговори меѓу Грција и Чешка за деталите од договорот, цената и начинот на испорака во Украина, а освен Грција, воена помош за Украина од регионот официјално испраќаат и Македонија, Хрватска, Романија, Словенија, Бугарија и Црна Гора.

Ракетите зуни се ненаведувани проектили и се произведуваат од крајот на 1950-тите. Првата борбена употреба се случи во 1965 година во индиско-пакистанската војна, каде што беа користени од Пакистанците, и беа интензивно користени од американската армија во Виетнамската војна.

Ракетата тежи околу 60 килограми, има дострел од осум километри, а просечната брзина на проектилот е 2.600 километри на час, 720 метри во секунда или 2,1 пати поголема од брзината на звукот. Се лансира од воздух, односно од авиони и хеликоптери, од носачот ЛАУ-10.

Постојат неколку видови боеви глави и примарна цел на ракетите е борба против оклоп, а најкористена е верзијата Мк24.

Украина ги користи ракетите зуни од почетокот на 2023 година и се задоволни од нивниот квалитет. Соединетите Американски Држави ѝ доставија на Украина 6.000 ракети зуни до крајот на 2023 година.

Медиумите објавија неколку фотографии и видеа на кои се гледаат лансери ЛАУ-10 и ракети зуни поставени на јуришни хеликоптери Ми-24 и јуришни авиони Су-25, кои вообичаено носат ненаведувани ракетни боеви глави С-13, кои имаат слична намена и карактеристики, но се советско производство.

Ненаведуваните ракетни боеви глави С-13 се еквивалент на Зуни на руска страна и се развиени во 1960-тите.

Иако С-13 има силна боева глава и е ефикасен во уништување бункери, лесно оклопни возила и пешадија на отворен простор, за повеќето варијанти на таа ракета максималниот дострел е само 3,5 километри, што го изложува екипажот на леталото што го лансира на потенцијалното дејство на непријателската противвоздушна одбрана од мал дострел.

Исто така, најголемиот број проектили летаат со брзина од околу 500 километри на час, а авионот или хеликоптерот што го лансира С-13 по лансирањето мора да направи брзо вртење за да не влета во експлозијата, што е особено важи за авионите Су-25.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ