сабота, 25 мај 2024

Грчките медиуми за изборите: Националистите, десничарите победија

Вчерашните двојни избори во Македонија и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, утрово е една од главните теми во грчките медиуми, кои ги пренесуваат резултатите, коментираат дека станува збор за голем триумф, посочуваат дека земјата првпат во историјата ќе добие жена претседател, но и анализираат што доаѓањето на власт на опозициската партија ќе значи за односите со Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

„Триумф на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија“; „Двојна победа на националистите во Северна Македонија“; „Северна Македонија: Триумф на десничарската ВМРО-ДПМНЕ на двојните избори“; „Промена на политичката сцена во Северна Македонија“; „Целосна доминација на ВМРО на двојните избори“; „Избори во Северна Македонија: Голема победа на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ“, се дел од насловите во онлајн изданијата на медиумите во Грција, кои уште од доцна синоќа ги следеа резултатите од двојните избори.

Рано утрово текстот за изборите во Македонија под наслов „Убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните и претседателските избори во Северна Македонија“ е меѓу трите топ теми на официјалниот сајт на грчката новинска агенција АНА-МПА.

Во весникот „Та неа“ централната тема на насловната страница на денешното издание е текстот со наслов „Избори во Северна Македонија. Што носи двојната победа на националистите“, а и на насловната страница на весникот „Катимерини“, една од централните теми се изборите кај нас под наслов „Загриженост за доминацијата на националистите во Скопје“.

Телевизијата „Стар“, од друга страна, во синоќешното централно издание на вестите имаше директно вклучување од Скопје, поконкретно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ за да се пренесе атмосферата.

Весникот „Катимерини“ во текстот-анализа посветен на изборите, на почетокот пишува дека „доминацијата на националистичката ВМРО на изборите во Северна Македонија предизвикува загриженост за последиците врз односите на Скопје со Софија и Атина, иако аналитичарите сметаат дека Договорот од Преспа нема да биде оспорен“.

Коментира дека „историската националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ“ се враќа на власт по седум години, откако извојува убедлива победа над социјалистите, „кои претрпеа голем пораз на вчерашните избори“.

„Прашањето – што заедно со победата за раководството на ВМРО – го поставија изборите во средата е дали сегашната партија се развила во централно десничарска проевропска политичка организација или ќе продолжи по патот на национал-популизмот и авторитарното владеење што го одреди сега пребегнатиот поранешен лидер и премиер во период од една деценија, Никола Груевски“, пишува весникот.

Додава дека за тоа каква ќе биде политиката на Владата на Мицкоски, „ќе се покаже од приоритетите што ќе ги постави“, а оние кои се во заминување „зад себе оставаат земја заглавена во корупција и непотизам, но и два меѓудржавни договори, со Грција и Бугарија, кои НАТО и ЕУ ги поздравија, но ВМРО како опозиција беше против“.

Во опширната анализа, весникот се осврнува и на ставот на Грција во однос на промената на власта кај нас, коментирајќи дека „за Атина не претставува гром од ведро небо“, посочува дека иако и Силјановска и Мицкоски „континуирано се закануваа дека нема да го спроведуваат Договорот од Преспа и дека ќе одбијат да ја користат географската одредница, во Атина постои став на исчекување на сите официјалните настани што ќе следат“.

„Меѓутоа, во случај да се остварат заканите за јавна употреба на терминот „Македонија“ наместо на правилниот „Северна Македонија“, тогаш Атина ќе реагира, првично на соодветен начин, преку демарши, пред да продолжи со понатамошни потези. За потсетување, веќе постоеше реакција од Атина поради фактот што три месеци по завршувањето на преодниот рок (23 февруари) за замена на јавните документи во земјата (патни исправи, материјал од јавната администрација, лични карти, возачки дозволи, и сл.) со законските кои го наведуваат националното и меѓународно признатото име на државата, односно Република Северна Македонија, процесот се одвива со бавно темпо“, пишува „Катимерини“.

Државната новинска агенција АНА-МПА, во текстот преземен од речиси сите онлајн изданија на медиумите, ги објавува резултатите, како од парламентарните, така и од претседателските избори, распоредот на силите во Собранието.

„Мицкоски најави дека во следните денови ќе започне преговори со опозициската албанска коалиција „Вреди“ за формирање Влада, а паралелно ја отфрли можноста за постизборна соработка со ДУИ, кое во изминатите 20 години учествуваше во сите коалициски влади во земјата“, пишува АНА-МПА.

Во однос на претседателските избори, посочува дека Силијановска е „првата жена што ќе стане претседател на државата во историјата на земјата“.

Дописникот од Скопје на државната телевизија ЕРТ, рано утрово информираше за резултатите од изборите и распоредот на пратеничките мандати во Собранието, објаснувајќи дека ќе биде потребно да се формира коалициска Влада.

„Од денеска се менува политичката сцена во Северна Македонија“, коментираше новинарот, осврнувајќи се на ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на Договорот од Преспа и додаде дека Атина чека да види каква ќе биде позицијата на новата Влада по ова прашање.

Новинарка од грчката телевизија „Стар“ која во живо се вклучи од Скопје, во синоќешните вести коментираше дека „градот и атмосферата се како веќе подолго време да беа подготвени, знаат дека Сиљановска ќе биде новата претседателка“ и се осврна на употребата на терминот „Северна Македонија“.

„Политичките аналитичари, велат дека веројатно е да постои политички пресврт, бидејќи едно се кажува пред да се дојде на власт, друго кога ќе се дојде на власт. Од моментот кога Скопје, Северна Македонија имаат отворен фронт и со Бугарија, бидејќи и од таму постои голем проблем, бараат признавање на бугарско малцинство во земјата, не е во интерес на Скопје и на госпоѓа Сиљановска да отвори уште еден фронт со Грција за прашањето за името“, истакна новинарката.

Во Грција, засега, не постои официјална реакција или изјава за резултатите од вчерашните избори кај нас.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ