петок, 28 јуни 2024

Грчките медиуми му броеја на Мицкоски колку пати рекол Македонија

На употребата на името Македонија, и тоа како што пишуваат, три пати, грчките медиуми го ставаат акцентот во текстовите за говорот во Собранието на мандатарот за нова влада Христијан Мицкоски, а дел од информативните портали коментираат дека станува збор за „нова провокација“. Грчката опозициска партија СИРИЗА побара од актуелната грчка влада веднаш да го интернационализира прашањето, со тоа што новото раководство на Македонија ќе биде соочено со своите одговорности пред меѓународната заедница.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Онлајн-изданијата на медиумите главно ја пренесуваат веста од грчката новинска агенција АНА-МПА со наслов „Северна Македонија: Христијан Мицкоски ја нарече земјата ‘Македонија’ во експозето како мандатар за неговата влада“, а во текстот е објаснето дека во Собранието започна дводневната седница за избор на владата „која ќе ја води десничарското ВМРО-ДПМНЕ со премиер, лидерот на оваа партија Христијан Мицкоски“.

„Идниот премиер Христијан Мицкоски при експозето за програмата на Владата што ќе ја предводи, земјата, дури трипати ја нарече ‘Македонија’, без да го користи уставното име на државата“, пишува АНА-МПА, а се осврнува и на делот за надворешната политика, пренесувајќи дека Мицкоски „ја повтори поддршката на неговата земја за Украина, а спомена дека неговата влада ќе негува односи на соработка со соседните земји“.

Грчката новинска агенција потсетува на неодамнешната изјава на Мицкоски дека „на инаугурацијата на неговата влада ќе го користи уставното име на државата“.

Текстот го презедоа останатите медиуми во Грција, кој го пренесуваат под различни наслови: „Нова провокација од Мицкоски: Повторно говореше за Македонија“; „Нова провокација: Премиерот Мицкоски трипати ја нарече ‘Македонија’ неговата земја“; „Одново провоцира Мицкоски: Повторно земјата ја нарекува ‘Македонија’“; „Мицкоски: Три пати ја нарече неговата земја ‘Македонија’ за време на говорот во Собранието“. 

„СИРИЗА недвосмислено го осудува новото прекршување на Договорот од Преспа од претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и мандатар за премиер на Република Северна Македонија, господинот Мицкоски и ја повикува Владата на Мицотакис конечно да ги преземе предвидените дејствија“, соопштија од грчката опозициска партија.

Во соопштението пишува дека „сакаат да го потсетат ВМРО дека континуираните прекршувања на Договорот од Преспа носат и предвидени санкции“, додавајќи дека целосното усогласување со Договорот „е неопходен услов за членство на Северна Македонија во ЕУ“.

Паралелно од актуелната грчка влада бараат „веднаш да го интернационализира прашањето со тоа што новото раководство на Северна Македонија ќе биде соочено со своите одговорности пред меѓународната заедница од моментот кога ќе продолжи да го прекршува Договорот“.

„Навистина е жален фактот што Нова демократија и ВМРО, двете сестрински партии во ЕПП, се обидуваат, за да привлечат националистичка публика, да го торпедираат Договорот што е пресвртница за сите народи на Балканот. Владата на Нова демократија сноси тешка одговорност за оваа нова штета што им ја нанесува на националните интереси, во име на својата неодговорна надворешна политика, избегнувајќи сите овие години какво било активно вклучување во Договорот за да ги одржи внатрепартиските рамнотежи“, пишува во соопштението од СИРИЗА.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ