петок, 26 јули 2024
Во кањонот Матка

Грчки спасувачи обучуваа македонски специјалци за спасување луѓе од брзи води (ФОТО)

Низ серија теориски и практични вежби на реката Треска во кањонот Матка, спасувачите од Грција одржаа тренинг и обука и го споделија своето искуство и знаење со припадниците на македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) и на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), соопштија од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП и нагласија дека станува збор за вежби кои можат да спасат човечки животи.

Објавено на

часот

Сподели

Петчлена екипа на специјалната единица за одговор при катастрофи од составот на грчката противпожарна служба одржа обука за седум припадници на Дирекцијата за заштита и спасување и седум припадници на САЕ „Тигар“ од МВР.

„Знаењето, експертизата и најдобрите практики кои ги споделија спасувачите од двете земји, се од исклучителна корист и ќе им овозможат да бидат подобро подготвени да ги извршат своите главни задачи – да ги штитат животите, домовите и сопственоста на луѓето во нивните заедници, во случај на поплави“, изјави Стелијана Недера, директорката на регионалната канцеларија на УНДП во Истанбул.

Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации во Македонија, Армен Григорјан, оцени дека вештините за спасување во брзи и длабоки води со кои се стекнале македонските спасувачи ќе бидат од исклучителна корист за нив за постапување во кризни околности предизвикани од поплави.

„Иако поплавите не може да се спречат, УНДП и амбасадата на Швајцарија, во партнерство со надлежните институции и поддршка на Амбасадата на Грција работат да го зголемат нивото на подготвеност и брза реакција на спасувачите, за да се намалат последиците од катастрофите и најважно од сè – да се спасат човечките животи “ , изјави Григорјан.

За успешно завршување на обуката, македонските спасувачи добија и сертификати од експертите од Грција.

Обуката за зајакнување на капацитетите на припадниците на ДЗС и МВР се спроведува како дел од проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“ финансиран од Владата на Швајцарија, кој УНДП го имплементира во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и деветте општини во регионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ