сабота, 21 декември 2024

Граничниот премин Ќафасан се затрупа со возила, масовно враќање дома (ФОТО+ВИДЕО)

Попладнево невообичаена глетка за граничниот премин Ќафасан, за влез во Македонија од Албанија. Огромен број возила на силниот дожд стојат долго во колоните и потоа лазат кон граничните службеници. Крајот на продолжениот викенд и крајот на првата септемвриска туристичка тура го „задуши“ овој граничен премин за кој од АМСМ изминатите денови информираа дека нема подолги задржувања. Денеска има долги задржувања.

Фото: МКД.мк

Објавено на

часот

Сподели

Читатели на МКД.мк кои ни исратија фотографии и видео запис од Ќафасан велат дека владее и нервоза меѓу патниците, се слушаат сирени од возилата со цел да ги поттикнат граничните службеници да ја забрзаат колоната, но велат дека има, според нив, и непотребно долги проверки на некои од патниците и нивните возила.

Според дел од патниците, најбројни се оние кои решиле трите дена од празничниот продолжен викенд да го минат на море во Албанија, а дел се годишноодморци на кои или им завршил одморот, или решиле да го скратат поради невремето кое пристигнало на морето каде од попладнаво има силна бура.

Имаше и протестно трубење поради давањето предност на автобусите и комбињата, па потоа обратно трубење, кога тргнаа автомобилите.

Патниците кои се од Кичево, Гостивар, Тетово, Скопје, Куманово и други места, по поминувањето на границата ги чека и временски долг пат, имајќи предвид дека ќе возат во долги колони заедно и со граѓаните кои продолжениот викенд го поминале на брегот на Охридското Езеро.

Како и за време на други продолжени викенди годинава, од  Струга и Охрид кон Скопје се вози по лош и недоизграден пат, а колоните возила се непрегледни. Треба внимателно и трпеливо да се вози. Нема друго…

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ