среда, 23 октомври 2024

Граѓаните чекаат затоа што ЈСП вози со 40 автобуси помалку, признава директорот

ЈСП Скопје се соочува со недостиг од 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред. Во моментов, вели Драги Кушовски, директор на претпријатието, ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред потребни се 235 автобуси.

Фото: П.Џ.

Објавено на

часот

Сподели

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во моментов сообраќа со недоволен број на автобуси за пополнување на возниот ред, вели директорот во интервју за МИА и ги повикува институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП.

„Се надевам дека институциите ќе најдат сили да му помогнат на ЈСП, бидејќи со овој возен парк со кој што располагаме не можеме да го покриеме постоечкиот зимски возен ред. Ние не сме ни од далеку блиску да го покриеме тој зимски возен ред. Правиме некои оптимизации во рамките на претпријатието, не знам дали ќе имаме доволно време да се почне со оптимизации на возни редови и не знам дали ќе имаме доволно време да ги направиме до 1 септември, бидејќи секоја оптимизација на возен ред мора да помине преку Советот на Град Скопје“, рече Кушовски.

Прашан зошто дисплеите на автобуските постојки не го покажуваат точниот возен ред, Кушовски вели дека согласно интерните акти, ЈСП не може да направи промена на возниот ред.

„Не можеме бидејќи возниот ред се утврдува преку Совет на Град Скопје и ЈСП не може сам да направи промена на возниот ред. Може да даде предлог до секторот сообраќај до Град Скопје и потоа до Советот за тој возен ред се прифати. Ние тоа го правиме во моментов, јас сум само еден месец тука, но сакам тоа квалитетно да биде направено, да не биде само направено дека нешто сме сработиле за да може да го дадеме предлогот понатаму,“ рече Кушовски.

Директорот тврди дека сите автобуси кои сообраќаат се технички исправни, поминуваат технички преглед на шест месеци и редовно се проверуваат во базите на ЈСП, но како што рече, возниот парк е стар повеќе од 13 години и тековно може да се случи каков било дефект.

„Секојдневно се менуваат и возачи и сообраќаат по многу километри на дневна основа и затоа кажувам автобуси кои што во моментот имаат круцијални дефекти, како што се кочници, според моите информации кои што ги добивам од службите, не се пуштаат во сообраќај. За светло или некоја гребнатинка која што настанала во текот на возењето може да се случат такви работи“, рече Кушовски.

За изјавите на вработените возачи во ЈСП, дека во сообраќај се пуштаат автобуси со дефект и покрај тоа што го пријавуваат дефектот, Кушовски порача да не се даваат паушални изјави кои што се непотврдени и ги повика сите вработени кои што имаат проблем да се обратат кај него, бидејќи, како што рече, создавање на таква слика во јавноста никому не оди во прилог.

Поголемиот дел од автобусите, директорот тврди дека имаат клима уреди. Вели дека се работи за незначителен број автобуси за кои се чека поправка на климите и тие, додава, сообраќаат во раните утрински часови.

Во врска со најавите од страна на премиерот Христијан Мицкоски, дека ќе ги разгледа можностите за одземање на ингеренциите на јавните претпријатија кои што се под надлежност на Град Скопје и решавање на проблемите за јавниот градски превоз, Кушовски рече дека се работи за наследени проблеми и дека „мора да се тргне од некоја точка“.

„Проблемите не потекнуваат од сега, тие се наследени проблеми и не се наследени од пред година, две, ниту три години, туку од многу поодамна. Не се вршела навремена обнова на возниот парк на самото претпријатие, се работело како што се работело и гледаме тоа каде довело. Наша цел е тие работи барем да ги стопираме и да не тонат надолу, туку да почнеме малку по малку да се движиме во нагорна линија“, вели Кушовски.

Прашан како ЈСП да стигне до самоодржливост, директорот посочи дека мора институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк, притоа со домаќинско и одговорно работење, ЈСП тековно да може да ги сервисира обврските.

Претпријатието има свои обврски, додаде, но и свои барања од институции и приватни компании кои треба да се плаќаат редовно за да може да претпријатието да функционира.

Тој упати апел до граѓаните да плаќаат билет при употреба на јавниот превоз, додека оние кои веќе имаат да ги валидираат своите билети.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ