недела, 19 мај 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Граѓани без портмоне!

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде, посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста, политичката коректност, јавниот ред и морал, правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Како што веќе на високоуважените читатели им е јасно од претходните известија од Апсурдистан, апсурдистанската влада на чело со Големиот Зајак и неговиот славен наследник, Надзајакот, усрдно и посветено воведуваше низа реформи со цел да го подобри животот на граѓаните на Апсурдистан и да го приближи Апсурдистан до Метафизичката Унија.

Така, на пример, некои претходни влади во Апсурдистан беа вовеле министри без портмоне, меѓутоа Големиот Зајак и Надзајакот гледаа подалекусежно: имено, тие воведоа граѓани без портмоне. Впрочем, за да се воведе оваа реформа и не требаше многу време и напор, бидејќи граѓаните на Апсурдистан и онака веќе беа со речиси празни портмонеа.

Резултатите од оваа реформа набрзо почнаа да бидат видливи во сите сфери на општественото живеење во Апсурдистан, имено и таму кајшто дури ни такви мудри и далекувидни реформатори како Големиот Зајак и Надзајакот со очи и уши насочени кон иднината не беа предвиделе. Најпрвин, расположението на граѓаните без портмоне значително се подобри, имено, тие веднаш почнаа да се чувствуваат како министри без портмоне. Потоа, евидентен беше зголемениот простор во задниот џеб, каде паметниот телефон можеше да се раскомоти и да стапи во поинтимна врска со уплатниците за спортска и лото. Она што беше најважно, меѓутоа, е, дека сега апсурдистанската администрација можеше да ги пика рацете во џебот на своите граѓани по поедноставена и скратена постапка.

Реформата „граѓани без портмоне“, меѓутоа, се покажа и како неочекувано добра за екологијата: откако сега граѓаните на Апсурдистан беа не само со речиси празни џебови, туку и без портмонеа, тие се́ почесто ги празнеа контејнерите. Впрочем, реформата одеше толку добро, што Големиот Зајак и Надзајакот размислуваа да воведат и нова реформа за приближување на граѓаните до Метафизичката Унија, имено „граѓани без џебови“ (што, слично како и реформата „граѓани без портмоне“, не требаше да биде проблем, ако се има предвид дека, освен горенаведените дребулии, џебовите на апсурдистанските граѓани беа празни).

Меѓутоа, токму од Метафизичката Унија се побунија против оваа реформа. Имено, доколку граѓаните на Апсурдистан останат без џебови, гласеше приговорот, постоеше сериозна опасност граѓаните на Апсурдистан да останат и без симболот на модерната демократија и фундаменталната инсигнија на слободата на глупо… ова, на говорот – паметните телефони, што секако ќе се одрази штетно на нивната интелигенција и на нивните демократски капацитети. Згора на тоа, се велеше во соопштението на Метафизичката Унија, реформата „граѓани без џебови“ ќе ги загрози придобивките од реформата „граѓани без портмоне“, бидејќи, без високите сметки за телекомункациски и други придружни услуги (кои, пак, беа еден од столбовите на неолибералната демократија, чиј прочуен слоган беше „плаќам, значи постојам!“), граѓаните на Апсурдистан можеби повторно ќе почнат да стекнуваат – полни портмонеа!

Метафизичката Унија секогаш знае што е најдобро!

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

За енергетска транзиција – греење со топлински пумпи (2)

Сефер Тахири

Тивок бојкот наспроти тивка поддршка: улогата на Албанците во изборот на...

Наташа Јовановиќ Мартинс

Зурли и тапани за Македонија

Зоран Дабиќ

Политичка мизогинија

Рајко Пеколски

Патриотизмот и егоизмот

Јовица Тасевски-Етернијан

За употребата на термините „Македонија“ и „македонски“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ