сабота, 27 јули 2024

Градоначалникот на Карпош Јакимовски тврди дека вчера спречил нов „27 април“

Објавено на

часот

Сподели

„Вистината е дека тоа се улици направени согласно Генералниот урбанистички план (ГУП) и ние само ги преземаме од тој ГУП. Сите барања на граѓаните беа испочитувани и беа викнати на повторен состанок за да видат дали е тоа така како што тие барале. Тие ни потврдија дека тоа е така. Значи планот е направен на најдемократски начин. Очигледно Мицкоски многу го пече прашањето за хидроцентралите. Вчера ги повлеков точките од дневен ред затоа што бев известен дека наша колешка два пати била удрена, а како искусен политичар сакав да го избегнам тоа сценарио кое беше многу слично со случајот Шамарите во Центар само што тогаш нивните членови од општинските комитети беа надвор од објектот а овде нивните членови и заведените граѓани беа внатре и можеше да настане општ хаос кој што ќе нѐ потсетеше на 27 април. Сакајќи да избегнам подоцнежни истраги, притоври и да го заштитам угледот на општината но и да ги заштитам советниците и граѓаните и вработените ги повлеков од дневен ред точките со цел да се смири целата ситуација“, рече Јакимовски.

Тој денеска ги прими незадоволните граѓани на кои им го презентираше целиот план за градба во градската четврт Ј02 блок 2 за кој, како што тврди Јакимовски нема да се урнат игралиштето, фонтаната ниту пак дрворедот во овој дел од Карпош.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак остануваат на ставот дека нема да дозволат бетонизација на Карпош.

Советникот во Советот на општината Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Роберт Вељановски денеска на прес конференција изјави дека на вчерашната седница на советот, по неуспешниот обид за повлекување на сите точки од дневниот ред на седницата и враќање на истите од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, „падна првиот ДУП во општина Карпош“.

„Падна првиот ДУП во Карпош. Го повикуваме претседателот на советот од Левица да ја почитува волјата на народот да ја потпише одлуката и да ја достави до градоначалникот Јакимовски затоа што карпошани се против бетонизација. Го потсетуваме претседателот на советот Бранко Ристов, советник од Левица, дека од денеска тече законскиот рок од 3 дена за потпишување на одлуките кои ги донесовме на вчерашната седница. Господинот Ристов, како претседател на Советот на општина Карпош, има законска обврска да ги достави материјалите до градоначалникот со што ќе се испочитува волјата на избраните претставници на карпошани. Доколку не го направи тоа ќе сметаме дека се работи за намерно саботирање на волјата на избраниците на народот, груба манипулација во насока на поддршка на градежната мафија. Деновиве заедно со загрижените граѓани будно ќе ја следиме ситуацијата се до објавување на сите одлуки усвоени на вчерашната седница на Советот на Општина Карпош во Службен гласник на Општина Карпош. Господине Ристов, доколку се обидете заедно со г-динот Јакимовски да ја заобиколите волјата на граѓаните да Ве потсетиме дека вчера повеќе од 100 луѓе изразија негодување. Утре ќе бидат 1.000, а задутре ќе бидат 10.000 кои ќе ве спречат во намерите да ја изиграте волјата на карпошани против бетонизацијата на Карпош“, изјави Вељановски.

МКД.мк претходно пишуваше дека Во Карпош се планира зеленило, фонтана и игралиште да станат згради

Со 17 гласа против, без ниту еден за и без воздржани вчера Советот на општина Карпош не го изгласа Деталниот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт Ј03, блок 02, општина Карпош Скопје. Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски го повлече ДУП-от од дневен ред, советниците го вратија но и тоа не беше доволно да се смират незадоволните граѓани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ