Градоначалникот Ѓорѓиевски на ова вели дека се неосновани сомнежите со оглед на тоа што, како што рече, таму нема услови за градење и нема донесен детален урбанистички план.
„Таму единствено можат да се садат градинарски култури. Го поништив ДУП-от, според кој требаше да се градат 99 згради и јас сум првиот во независна Македонија што распишал меѓународен конкурс за заедно со граѓаните да се креира ликот на Расадник. Така што ниту еден пожар ниту каква било непогода може да влијаат на мојата намера граѓаните, заедно со експертите, да го креираат и да го изберат новиот ДУП. Без грижи, никој повеќе нема да гради без план на опожарени површини. Јас стојам заедно до интересите на граѓаните“, вели Ѓорѓиевски.
Пожарот во Расадник избувна вчера доцна попладнето, а беше опожарена површина со сува трева, грмушки, автомобилски гуми и дрвја. Во гаснењето на пожарот учествуваа осум противпожарни возила и 15-мина пожарникари. За среќа, нема повредени лица, но е причинета материјална штета.