петок, 18 октомври 2024

Градиме иднина бара посвоените деца да можат да ги запознаат биолошките родители

Здружението Градиме иднина од Скопје започна нов проект за да реши децениски и горлив проблем, а тоа е судбината на посвоените деца во Македонија.  Оттаму посочуваат дека Македонија е единствена земја во Европа која на децата им го скратува правото да ги знаат биолошките родители и затоа бараат промена на законите. Воедно  потенцираат  дека земјава во моментов не ја почитува Конвенцијата за правата на децата и посочуваат дека според неа посвоените деца имат право да знаат кој ги родил.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Од оваа здружение од надлежните бараат  промена на Законот за семејство кој посвојувањето го третира како службена тајна или строго доверливо.

Велат дека според сегашната законска регулатива, посвоените деца немаат право да ги знаат своите биолошки родители и законот ги штити исклучиво интересите на посвоителите, што е спротивно на Меѓународната конвенцијата за правата на децата, според која децата имаат право да ги знаат своите биолошки родители.

„Инаку Комитетот за правата на децата смета дека државата треба да им овозможи на посвоените деца, на одредена возраст да имаат законска можност да ги дознаат кои им се биолошките родители, но во земјава податоците за родителите што се откажале од нивните деца се чуваат во Државниот архив и не се достапни за децата. Обединетите нации се загрижени за праксата на тајното посвојување на деца во Македонија. Комитетот за правата на децата во извештајот ѝ укажува на македонската Влада дека треба да ја смени законската регулатива и да обезбеди зачувување на информациите за потекото на посвоените деца, идентитетот на биолошките родители и нивната медицинска историја“, наведуваат од Здружението Градиме иднина.

Тие посочуваат дека кога ќе се донесе решение за посвојување од надлежниот орган, децата добиваат нов извод од матична книга на родени и податоците од родителите се заменуваат со податоците на посвоителите. По желба на новите родители освен презимето, на детето му се менува и името, а во изводот остануваат исти само денот и датумот на неговото раѓање. Податоците за родителите што се откажале од нив се чуваат во Државниот архив, но и тие не се достапни за децата.
Додаваат дека ставот на Министерство за труд и социјална политика е дека иако меѓународната организација со години укажува на овој пропуст кај нас засега нема услови за промена на регулативата.

Здружението Градиме иднина од Скопје ќе бара од Министерството за труд и социјална политика и Владата да работат на тоа да се подигне свеста кај идните мајки и да се едукацираат во секој поглед за да не ги напуштаат своите родени деца. Државата треба системски да се бори преку Совети за социјално загрозени бремени жени и самохрани мајки за да не се откажуваат од своите деца.

Најавуваат дека овој проект ќе се реализира во сите  градови во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ