Работниците кои ја градат спорната зграда ја поставија нивната механизација и го узурпираа пристапниот пат до бензинската „Макпетрол“ на булеварот „Партизански одреди“. Без никаква согласност, без дозвола, на имотот на „Макпетрол“ поставена е градежна механизација на ЗСФ ком и на Делта 2015 констракшн ДООЕЛ.
Со часови граѓаните беа спречени да дојдат до бензинската пумпа, попречени од камионите и крановите за градба кои неовластено ги поставиле.
Од „Макпетрол“ велат дека се соочуваат со проблеми со фирмата која изведува градежни работи на локацијата зад бензинската и во близина на ГОБ „Осми Септември“ – Скопје и клиниката „Жан Митрев“.
Претставници на ЗСФ ком за ТВ Телма рекле дека тие не се изведувач на работите на оваа градба. „Ние сме инвеститори, а не изведувачи на работите и не го блокириме пристапот кон бензинската“.
Претставници на Општина Карпош велат дека за такво нешто мора да се има дозвола од сообраќајната полиција, но нивни комунални инспектори не излегле на терен.
И според законот, правните и физички лица кои изведуваат работи на јавен пат се должни да го обезбедат местото на изведување на работите и да обезбедат одобрение за времена измена на режимот на сообраќајот од надлежен орган. Ако не било така постапено, казната за правното лице е 3.000 евра.
Подоцна во текот на денот конечно реагираше полицијата, а од МВР велат дека правното и одговорното лице добиле пријава согласно законот.
Уште пред да почне изградбата на овој објект имаше многу реакции од здруженија на граѓани дека не биле исполнети сите услови за издавање на дозвола за градба. Од невладината организација О2 иницијатива, пред еден месец инфомираа дека добиле телефонска закана да престанат да реагираат против изградбата на зградата кај Воена болница.
Граѓанските здруженија бараат поништување на издаденото одобрение за градење за т.н. 17 катница, односно комплексот на згради. Тие потсетуваат дека незаконски било добиено позитивното конзерваторско мислење за одобрение за градење на зградата.
Од О2 иницијатива побарале од министерот за транспорт Александар Николоски да ја стопира градбата на овој спорен објект затоа што претходно и самиот министер тврдел дека во Карпош повеќе нема да се гради. Активистите бараат и од Управниот инспекторат да постапи во однос на нивното барање за стопирање на градбата.