сабота, 27 јули 2024

Град во САД ја забрани продажбата на цигари и тутун за сите родени во 21 век

Градот Бруклин во Масачусетс ја забрани продажбата на цигари, тутун и тутунски производи на сите лица родени во 21 век, пишува Еј-би-си. Се работи за локална регулатива која може да послужи како модел за другите градови кои сакаат нивните жители помалку да пушат цигари.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Бруклин е првиот град во САД што донесе ваква уредба уште во 2020 година, а минатата недела беше потврдена од највисокиот суд на Масачусетс, отворајќи ја можноста за други градови да воведат слични забрани.

Правилото, кое забранува продажба на тутун на сите родени на или по 1 јануари 2000 година, стапи на сила во 2021 година. Според законот на Масачусетс, потпишан од поранешниот републикански гувернер Чарли Бејкер во 2018 година, на сите помлади од 21 година веќе им е забрането да купуваат тутунски производи. Ова се однесува на цигари, пури но и на електронски цигари.

Поддржувачите на забраната за продажба на тутун на млади во Бруклин велат дека државниот закон го признава овластувањето на локалните заедници да донесуваат сопствени мерки за ограничување на продажбата на штетни производи.

Критичарите на уредбата во Бруклин, вклучително и сопствениците на продавниците на кои продажбата на тутунски производи им е значителен дел од приходот, не се согласуваат со забраната.

Тие тврдат дека предложената регулатива е во спротивност со државниот закон од 2018 година кој дозволува на постарите од 21 година да купуваат тутунски производи. Тие наведуваат дека поради градската уредба дел од возрасните ќе можат да купат цигари, а други не.

Извршниот директор на Здружението на трговци во Нова Англија, Питер Бренан, вели дека неговото здружение најверојатно ќе поднесе жалба на одлуката на Врховниот суд на САД кој застана на страната на градската управа. Бренан истакна дека законот го таргетира само тутунот, но не и марихуаната, за која важат истите правила како и досега.

„Прашањето е како сè уште можеме да ги демонизираме овие производи“, рече Бренан за тутунот, додавајќи дека станува збор само за тоа Бруклин „да биде прв во нешто во САД“.

Џон Херст, шеф на Здружението на трговци на мало во Масачусетс, исто така се противи на одлуката за забрана на продажбата на тутун. „Тоа може да доведе до мешање на низа правила, а тоа нема смисла за трговијата“, изјави тој за Еј-би-си њуз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ