На овие кривични пријави им претходи пријава за дива депонија на територија на општина Шуто Оризари, која Курто Дудуш ја прави на лично свое приватно земјиште за што сам со себе во име на општината си склучил договор, а за што е фатен и за истото е изречена глоба и веќе е покрената пријава за соодветна одговорност, се вели во соопштението на Град Скопје.
„Јавноста треба да знае дека Комунална хигиена Скопје редовно ги завршува своите активности во Општина Шуто Оризари, а за она што е надлежност на градоначалникот Курто Дудуш, и контејнерите кои сам ги поставува на територијата на општината друг не може да биде одговорен. До овој момент против градоначалникот на општина Шуто Оризари Курто Дудуш поднесени се повеќе од 40 кривични пријави од кои најголем дел се однесуваат на сериозна злоупотреба на буџетски средства, исплати на пари без соодветни постапки и распишан тендер, креирање на диви депонии, загрозување на животната средина и здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението на Град Скопје.
Според одговорните во Град Скопје, хаосот е настанат поради неспособноста и лукративни интереси на Дудуш.
„Ќе го спречиме загрозувањето на здравјето на жителите од општината, а ќе одиме до крај за целосно расчистување на случајот за Дудуш, криминогениот трујач на Скопјани да ја добие заслужената казна за делата за кои е утврдено одговорен“.
Градоначалникот Дудуш денеска ги повика жителите на средба в недела, во 19 часот, во спортската сала во Шуто Оризари за да дискутираат за депонијата во Шуто Оризари, за непредвидливиот и недоволен јавен градски превоз, но и за честите прекини на електричната енергија.
„Депонијата во Шуто Оризари веќе долго време е проблем, но сега ситуацијата ескалира до алармантно ниво. Ѓубрето, неподносливиот мирис и загадувањето ја загрозуваат животната средина и здравјето на жителите. Многумина мислевме дека ова ќе биде нашиот најголем приоритет, но додека се справуваме со тоа, се појавија и други, исто толку сериозни проблеми“, наведува Дудуш.