До ЦУК стигнале пријави за поплавувања и штети од пороен дожд и град во општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково, а заради обилни врнежи во Косово се очекува зголемување на водостојот на рката Лепенец.
На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК е добиена пријава за поплавен двор во кој има трафостаница на ЕВН.
На 112 во ЦУК добиена е пријава од село Младо Нагоричане – Општина Старо Нагоричане, поточно во месност викана Подкаменчиња. Граѓанин пријавил дека заради обилните врнежи од дожд и град настаната е голема штета.
„Информира дека уништени му биле 300 родни дрвца и дека му е оштетен кровот од неговата викенд куќа. Од страна на Регионалниот ЦУК Куманово, за настанот е известено лице за контакт од Општина Старо Нагоричане“, информира ЦУК.
На територијата на Општина Липково, во селата Липково, Отља, Оризаре и Слупчане во 18:15 часот почна да врне дожд, проследен со ветар , паднал и многу град. Според првите податоци од Општина Липково оштетени се земјоделски садници и има оштетени автомобили.
ЦУК предупредува дека, според УХМР се очекува зголемување на водостојот на дел од реките.
„Конкретно, заради обилни врнежи од дожд во Косово, таму е зголемен водостојот на реката Лепенец. Во текот на вечерните и ноќните часови се очекува да има зголемување на водостојот и во нашата земја. Истовремено, ЦУК предупредува на внимателно движење покрај коритото на реката Лепенец“, предупредуваат од ЦУК.