сабота, 27 јули 2024

Гордана Силјановска-Давкова: Претседателот мора да обединува

Изборите се пред нас, ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери во овие четири години вредно работеа и докажаа дека се единствена можна европска алтернатива. Изборите ќе го означат новото време. Ако со реформи покажеме дека знаеме европски да живееме и да работиме, тогаш ќе имаме самопочит – таа е важна, ама ако не е заслужена нема да не почитуваат. Така ќе станеме вистински Европејци. Со оваа порака кандидатката за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ, професорката од Правниот факултет на УКИМ Гордана Силјановска-Давкова, го заврши излагањето на конвенцијата на која опозициската партија ја претставува нејзината кандидатура за Претседателските избори.

Објавено на

часот

Сподели

На Конвенцијата за избор на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, насловена „Важно е! Лидерство што носи промени”, која попладнево се одржува во Филхармонијата во Скопје, присутни се 453 од вкупно 476 делегати, кои тајно ќе гласаат, по што во 16 часот ќе продолжи конвенцијата.

Силјановска-Давкова е единствен кандидат за претседателска функција на објавениот повик на ВМРО-ДПМНЕ и, според констатацијата на Верификационата комисија, нејзината кандидатура ги исполнува условите и таа има поднесено план и програма за работа.

Во своето излагање Силјановска-Давкова рече дека Македонија ја доживува како „преумна, храбра, образовна, културна жена“.

-Затоа мислам дека овој пример овде треба да го следи претседателката,  но никогаш да не заборави на стручноста и на компетентноста, рече Силјановска-Давкова.

Во своето излагање зборуваше за Уставот како највисок акт, за ингеренциите што треба да ги има претседателот на државата и што смета дека треба да направи идниот претседател.

-Прво треба да состави експертски тим на врвни професори по уставно право, не само од овде, туку и од странство, како на пример Франција, за  да го проучи Уставот во однос на генерирањето проблеми во уставниот поредок со кои се соочуваме, зашто тоа е единствен пат, истакна Силјановска-Давкова.

Порача дека нам ни треба скандинавизација во однесувањето,  индивидуални  слободи и права без кои, рече, нема демократија, пошироки надлежности на Уставниот суд, гарантирање на неотуѓивост на природни богатства и на водите, по примерот на Исланд и Словенија, да има можност за распуштање на Собранието, не само на самораспуштање под определени околности, да се отстрани прагот од 40 проценти во вториот круг на претседателските избори, да се среди делот за мандатарот за нова влада, зашто, рече, имаме проблеми, воената и вонредна состојба, прецизирање на надлежностите на Претседателот особено на помилувањата…

Рече дека кај нас претседателите имаат силен изборен легитимитет, речиси најсилен во компаративното право, но таа не е за силни надлежности и силни претседатели затоа што „во отсуство на демократска традиција може да се појави опасност од некој фолклорен лик односно од некој балкански Бонапарта“.

-Претседателот мора да се однесува натпартиски, не партиски, да ја претставува државата кон внатре, кон граѓаните, и кон надвор, никогаш не заборавајќи дека е таму заради државните и националните интереси а не заради својата кариера, не заради својата слава… Претседателката, претседателот мора да обединува, да биде проактивен а не реактивен, да се води од Копенхагенските критериуми, да ги претставува сите без оглед на етнос, вера, пол, род, статус, да биде почитуван и да почитува, да едуцира, да биде горд, да почитува соработка, мирно решавање на споровите, да има чувство, да биде емпатичен, да има регионален преглед, затоа што ако не ги брани соседите тогаш нема да го бранат ниту него. Нам ни треба скандинавизација  во однесувањето, нагласи Силјановска-Давкова.

Според неа, шефот на државата мора да ги штити и најранливите категории, да се обраќа пред јавноста за секое важно прашање, да има  мал стручен кабинет кој ќе инспирира, ќе води сметка и претставеност на сите категории по било која основа, но најважното, рече, ќе биде стручноста и компетентноста.

Според неа, „има многу лавовски умови и срца во државата кои мора да се ангажираат“. Во својот говор пред делегатите таа посочи и дека е инспирирана од претседателката на Ирска, Мери Робинсон, која не била член на политичка партија, и  од Владимир Полежиновски, генерален секретар на АСНОМ и автор на АСНОМ-ската декларацијата за човековите права во која, рече  таа, има неверојатна сличност со француската декларација за слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Претходно на трибината на тема „Претседател кој се грижи за одбраната и стратешките интереси на државата“ зборуваше Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ .

„Драго ми е што сме на почеток на еден изборен циклус за избор на претседател и на премиер, и на Влада на Република Македонија, кои што треба да направат една огромна промена во Македонија. Има моменти во историјата кога треба да се направи пресвртница, овие избори ќе бидат еден таков момент. И сум убеден дека и на 24-ти април и на 8-ми мај изборот на граѓаните ќе е правилен и ќе значи Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседател предложен од ВМРО-ДПМНЕ“,

„Јас сум познат како еден гласен критичар на работата на Стево Пендаровски, се работи за најбезличниот човек кој што седнал таму. Пет години ќе му останат запаметени по ништо. Веројатно сличен на него е само доскорешниот премиер Димитар Ковачевски кој што месец дена не е премиер, а луѓето не се сеќаваат дека воопшто бил премиер. Така нешто ќе биде и со Стево Пендаровски“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Николоски додаде дека овие пет години освен за аналитички ставови кои што се менуваа како што дуваше ветрот, односно како ќе му јавеа од СДС и од ДУИ, не може да се запамети по ништо друго.
„Остана до денес неодговорено каде ја донира разликата од покачената претседателска плата, затоа што нели тој беше најпаметен од сите па во јавност се фалеше дека не му треба разликата од платата и дека ќе ја донира. Ама до денес не покажа каде ја донирал и на кого ги префрлал тие средства кои што нели на него не му требаат“, потсети тој.
„Во таа насока формата преку која што тоа го правеше и злоупотребуваше е токму Агенцијата за разузнавање. Агенцијата треба да е очи и уши на безбедноста на Македонија надвор од државата, да препознава закани кои што доаѓаат од други држави кон Македонија, да работи на територија на други држави и да ги препознава тие закани и да информира до дипломатско конзуларните претставништва, и до соодветните институции во Македонија за тие закани. Но, наместо тоа Агенцијата се претвори во една збирштина која што пола ден се занимава со озборување најчесто неточно, а другиот пола ден се занимава со фабрикување на извештаи што ги испраќа кај стигне, 99% исто така неточно“, укажа Николоски.
Тој посочи дека Агенцијата за разузнавање на овој начин целосно го крши законот. И за тоа ќе има одговорност после 12-ти мај. Затоа што формално промената на претседателското место ќе се случи на 12-ти мај. И сериозно ќе се испита како е злоупотребена работата на Агенцијата. Бидејќи истата таа Агенција е злоупотребена да се прислушкуваат високите органи на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во моментот Стево Пендаровски е единствениот врвен политичар во Македонија кој што на интервју на новинарот му се обраќа на ТИ. Не знам дали познавате втор кој што дава интервјуа како да разговара со другари на клупа во маало. Стево Пендаровски е единствениот врвен политичар кој што користи изрази за кои што ми е срам да ги употребам тука затоа што не се дел од моето домашно воспитување. И е единствениот политичар кој што најмалце пола од своето работно време, а некогаш и цело го користи да собере таму новинари, претставници на јавниот живот итн. и да озборува други јавни личности и политичари, најчесто за нивниот приватен живот и најчесто неточно“, вели тој.

„Најдобар доказ за ова е што Стево Пендаровски беше единствен шеф на држава кој што беше доволно наивен, нема друг израз, или сакаше можеби да се пофали колку е тој значаен и информиран итн., кој што во јавноста изнесе класифициран брифинг на НАТО Алијанса во однос на случувањата во Украина“, потсети Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека Стево Пендаровски ќе веројатно ќе биде заборавен не подоцна од еден месец откако ќе му заврши функцијата.

„Ова обраќање ќе го завршам со уште едно прашање до него, еве 2019-тата година во кампања за претседател велеше дека кога ќе му заврши мандатот за претседател нема да ги користи привилегиите кои што ги следуваат поранешните претседатели на Македонија. Не сум го слушнал во овие години да го повтори тоа што го кажуваше во 2019-тата. А, имајќи предвид дека е релативно млад и му посакувам добро здравје и долг живот, би сакал да го прашам дали можеби ќе биде поранешен претседател кој што најмногу ќе потроши од буџетот на Македонија и на граѓаните бидејќи најдолго ќе ги користи привилегиите имајќи предвид за каква дволична личност се работи“, праша Николоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ