недела, 16 март 2025

Гордана Сиљановска Давкова: Да се сплотиме во болката

Сите сме во шок, и самата сум шокирана: како мајка, како човек, како претседателка. Сè уште не можам да поверувам дека ужасната трагедија во Кочани е реалност. Не знам со кои зборови да им изразам сочувство на родителите и најблиските на погинатите. Вашата неизмерна болка е и моја. Утринава ги посетив болниците. Пред нив ме дочекаа родителите на повредените, со надеж и доверба во медицинскиот персонал. И јас, како нив, верувам дека ќе го сторат не само можното, туку и неможното за да им помогнат на нивните сакани, рече во своето обраќање претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова.

Објавено на

часот

Сподели

„Знам и чувствувам дека не сме сами, оти веднаш се огласија, не само соседите, туку и подалечните држави.

Најтешко повредените се транспортираат на специјализираните клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција заради добивање врвна медицинска помош и интервенција. Добрите луѓе од целиот регион, Европа и Светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин. Вечно ќе им бидеме благодарни.

Ве молам, водени од хуманоста и емпатијата да се сплотиме во болката свесни дека смртта и болеста подеднакво нè допираат сите, без оглед на било каква припадност.

Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна заради самоволие, импровизација и манипулација.

Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овој пат не смее да ги избегне правото, правдата и казната! Да не ја сквернавиме невината жртва на погинатите, да ги здружиме силите околу преживеаните. Да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе.

Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето за профитот и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот, а особено од младешкиот живот“, изјави вечерва Сиљановска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ