вторник, 21 мај 2024

Гордана Алексова со серија предавања за македонскиот јазик во Институтот за славистика во Будимпешта

Професорката од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје Гордана Алексова вчера во библиотеката на Институтот за славистика и балтичка филологија го одржала своето прво предавање на тема: „ДА-конструкција во македонскиот јазик – граматички и стилистички карактеристики“ пред колегите и студентите на Институтот за славистика и балтичка филологија. Таа до 24 април 2024 година ќе одржи шест часа на две теми од областа на македонскиот јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

Објавено на

часот

Сподели

Алексова својата работна посета ја остварува преку мрежата Словенска филологија и нејзиниот културен контекст на програмата за мобилност CEEPUS, како гостин предавач на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.

На 23 април 2024 година Алексова ќе одржи уште едно предавање на тема: „Интеркултурните компетенции на учебниците по македонски јазик – теоретски и практичен преглед“. По договор со студентите на Лекторатот по македонски јазик ќе одржи и предавање за Видови предмет во македонскиот јазик, тема која им задава потешкотии во совладувањето на македонскиот јазик.

Лекторот Златко Панзов најави уште два настани до крајот на семестарот, односно средината на јуни 2024 година. Во рамки на манифестацијата „Цртај на македонски јазик“ младата уметница Јана Борбала Панзов ќе го реализира и претстави проектот „Цртај, слушај и чувствувај на македонски јазик“ пред своите врсници од македонската дијаспора во Унгарија. Лекторатот по македонски јазик во соработка со Институтот за унгарски вина, музичкото дуо БудаПесме и винаријата Попов, како главен поддржувач и покровител, во Будимпешта ќе организираат Македонска вечер (вечер на македонско вино и македонска изворна музика).

Во соопштението лекторот Златко Панзов наведува дека преку своите активности не само што го промовира македонскиот јазик, туку активно работи и на промоција на македонската култура преку организација на манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта, која претставува единствена културна манифестација од ваков вид во Унгарија и редовно се одржува од 2019 година.

Фото: Лектор по македонски јазик при Универзитет ЕЛТЕ во Будимпешта Златко Панзов 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ