сабота, 27 јули 2024
Вело Марковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Горд сум на успехот и неуспехот

Иако не добив повеќе од 10.000 граѓански потписи потребни за официјална претседателска кандидатура, сепак се гордеам на секој граѓанин што успеа да се потпише зад моето име, Вело Марковски како независен кандидат за претседател на Македонија.

Сите тие потписи, повеќе од илјада и седумстотини се бесценети и имаат огромна демократска тежина. Тие потписи граѓаните ги дадоа слободно и по сопствена волја, без членување во партија, без некој да им нареди, без да ги уцени, без да ги заплаши, без да ги поткупи, без да им вети и без да ги излаже.

Знам дека имаше многу повеќе граѓани кои сакаа да се потпишат за мене и барем за момент да го имаат чуството на независност и слобода кое во изминативе години многу ни е нарушено. Сепак, не беа во можност од оправдани причини. А под тие причини се подразбираат:

– преголема оддалеченост на местото на живеење од местото каде се собираат потписи. На пример од општина Аеродром со преку сто илјади жители, за потпис требаше да се оди и да се најде бараката во Општина Центар. Бројни општини во други изборни циклуси имаа сопствени пунктови (дури Зеланиково, Студеничани…)

– стравот од недемократијата во големите партии

– заканите дека сé се снима и се бележи

– партиската забрана за потпис за независен кандидат и партиската наредба за потпис за партиски кандидат

– закани до студентите дека ќе бидат исклучени од факултет ако ме поддржат

– неможност да се потпишат возрасни, болни и инвалиди (пример во Штип канцеларијата е на трети спрат, а зградата нема лифт)

– на многу граѓани не им беше дозволено да се потпишат за мене (Прилеп, Охрид, Чаир…)

– од многу граѓани беше барано да објаснат зошто сакаат да потпишат за мене

– медиумски мрак: националните телевизии и националниот сервис (МРТ) не ме ни спомнуваа како претседателски кандидат, а не како што требаше по закон  „избалансирано да не презентираат“…

Сепак, горд сум и самиот на себе, бидејќи прв од сите, пет месеци пред официјалното распишување на избори, истакнав независна кандидатура за претседател на Македонија. Тоа ми даде можност, пред мојот народ и мојата држава кои толку многу си ги сакам, да говорам слободно и независно за проблемите кои секојдневно се напластуваат, а не се решаваат. Имав можност да ја прошетам Македонија, да разговарам со многу луѓе и да го почуствувам ритамот на животот и секојдневието на секој „обичен“ Македонец. Уште еднаш се уверив дека властодржците гледаат од многу високо. За нив обичниот човек е премногу мал и затоа го газат. Видов исплашени луѓе, луѓе во апатија, загрижени за својата иднина и иднината на нацијата.

Горд сум  и затоа што им дадов до знаење на „големите“ дека секогаш отворено ќе говорам и ќе работам во интерес на „обичните“ народни маси, како што тоа го правев цел мој работен век како доктор – исклучиво и само во интерес на животот и здравјето на секој човек.

Горд сум и затоа што многу мои искажани идеи, ставови, мисли и реченици ги препознав и ги слушнав од моите конкуренти. Затоа недоволниот број потписи не го доживувам како неуспех, туку како успех да ја наметнам потребата од позитивни промени во општеството.

Се гордеам што за неколку месеци, преку мојата веб-страница и моите социјални профили, објавив обемен материјал(интервјуа, колумни, анализи и сл.) кој ги опишува македонските политички и граѓански (здравствени, социјални) проблеми и како истите да се решаваат. Горд сум што овој материјал ќе можат да го користат сите без разлика на политичката, националната или верската определба.

Им посакувам успех во понатамошната претседателска трка на оние што ги добија потребните потписи за официјална претседателска кандидатура. Се надевам дека ќе избереме претседател-ка на Македонија со кој-а ќе се гордееме сите. Уште повеќе се надевам дека победникот ќе има чуство за самокритика и корекција и нема да ги прави грешките на претходниците.

А мојата гордост за мене и понатаму ќе биде поттик да бидам присутен и активен во општествениот и политичкиот живот на Македонија – државата која толку многу си ја сакаме сите. И понатаму ќе бидам горд секогаш кога ќе придонесам Македонија да биде подобро место за живеење за сите.

                               Вело Марковски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ