среда, 30 октомври 2024

Горат националните паркови Маврово и Галичица, активни се вкупно 11 пожари (ВИДЕО)

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов вечерва информираше дека во моментов се активни 11 пожари, шест се ствени под контрола, а 15 се целосно изгаснати. Најкритично е кај селото Врбен во Националниот парк Маврово каде пожарот се доближи на 500 метри од првите куќи во селото. Претходно во текот на денот Ангелов апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците на ЦУК денеска гореле 32 пожари од кои 15 се целосно изгаснати, шест се ставени под контрола и 11 се сѐ уште активни.

„Денеска во 10 часот претпладне избувна пожар кај селото Врбен во општината Маврово-Ростуше во Националниот парк (НП) Маврово. Гори сува трева, елка и смрека. Пожарот е на 500 метри од првите куќи но меѓу нив има асфалтен пат и верувам дека вработените во НП Мавровои локалното население ќе успеат да го сопрат пожарот кога ќе стигне до патот. Во текот на денот тука дејствувавме со пет ер трактори со кои што е изгаснат еден од краците на пожарот. Воедно дејствувавме и со еден голем полициски хеликоптер“, информираше Ангелов.

Други тешки пожари во текот на денот се регистрирани и во општина Македонски брод, пожар кој гори повеќе од 20 дена, во Пехчево кој гори веќе четири дена, а тешки пожари се регистрирани и во Новаци, Охрид и Ресен каде гори од двете страни на Националниот парк Галичица како и во општините Пласница, Кочани, Македонска Каменица  и Долнени. Три тешки пожари беснаат и на територијата на општина Кичево кај селата патец, Зајас и кај местото викано Нора ранч.

„Кај селото Патец е избегата драма благодарение на храбрите пожарникари од Кичево и локалните жители и верувам дека пожарот кој силно гори нема да го зафати селото. Но пожарот се движи кон село Козичино“, изјави Ангелов.

МВР попладнево соопшти дека нивниот голем хеликоптер Ми – 171 денеска исфрли вкупно 83 тони вода во гаснењето на пожарите кај Кочани и Маврови Анови.

„Хеликоптерот Ми -171 од хеликоптерската единица за посебни намени при МВР од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше врз пожарите во околината на Кочани и Маврови Анови. Во 31 налет исфрлени се 83 тони вода“, се вели во соопштението од МВР.

Претходно во текот на денот Ангелов апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.

„Граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикаат пожар на отворен простор, а доколку забележат чад или отворен оган да ги пријават на бројот 112, но, доколку се сомневаат дека одредено лице подметнало некаде пожар, истото да го пријават во најблиската полициска станица или на бројот 112“, апелираше Ангелов.

Според податоците на ЦУК во текот на јули имало 765 пожари на отворен простор меѓу кои и шумски пожари.

 

 

 

Тој апелираше граѓаните да бидат исклучително внимателни, да не предизвикуваат пожари, а доколку забележат пожар веднаш да го пријават.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ