сабота, 27 јули 2024

Горат купишта автомобилски гуми во Желино, црн чад се издига

Центарот за управување со кризи – ЦУК информира за голем пожар  во Општина Желино и густ црн чад што се издига од запалени купишта автомобилски гуми. Од СВР Тетово веќе истражуваат кој го предизвикал пожарот и потсетуваат дека е тоа кривично дело.

Објавено на

часот

Сподели

Тетовската противпожарна единица интервенира на запалени гуми спроти фабрика Киел во селото Желино, велат од ЦУК.

Купиштата гуми горат кај подвозникот кон селото Сиричино во Општината Желино.

„Гаснењето е отежнато поради големата количина на автомобилски гуми, но нема опасност пожарот да зафати соседни објекти. Се очекува целосно гаснење за максимум два часа“, сметаат во ЦУК.

Инаку, токму чадот од автомобилски гуми е опасен по здравјето и придонесува за пораст на канцерогените ПМ честички во воздухот. А, како што дознавме денеска, во последните 20 дена, во Тетово само 5 дена воздухот не бил загаден со концентрација од над 150 мг/м3 на овие ПМ честички.

Од СВР Тетово информираат дека веднаш по пријавувањето на пожарот, на лице место се испратени полициски службеници од полициското одделение Групчин, како и екипи од тетовската Територијална противпожарна единица, кои интензивно се ангажираат на локализирање на настанатиот пожар.

„Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случајот – кој и зошто ги запалил гумите, а што претставува кривично дело – загадување на животна средина и природата, согласно член 218 од Кривичниот законик“, велат од СВР Тетово.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ